Градоначалникот на Симитли Апостол Апостолов и претседателот на општинскиот совет Владимир Христов, ноќеска на границата со Република Македонија ја проверуваа  состојбата со пожарот помеѓу Делчево и Пехчево и се координираа за потребните активности за негово запирање на бугарска територија, јави дописникот на МИА од Софија.

Според Апостолов, ситуацијата е многу сериозна, а силниот ветер што дува во областа на границата меѓу Бугарија и Македонија дополнително ја отежнува ситуацијата. Тој рече дека бил во постојан контакт со властите во Македонија, како и со пожарникарите од Благоевград вклучени во гаснењето на пожарот.

Апостолов вели  дека Македонија се организирала, има многу луѓе на терен, како и хеликоптери, но во моментов огнот не може да се запре. Според информациите со кои располага градоначалникот на бугарската општина Симитли, пожарот ги зафатил селата Негрево и Царник. Апостолов разговараше и со директорот на Претпријатието за шумарство Симитли, Благој Кишев, кој го увери дека ќе биде испрате булдожер до подрачјето на границата помеѓу Македонија и Општина Симитли за да се направат ископи и се запре огнот ако помине од границата со Бугарија.

Раководството на Општина Симитли ги повика граѓаните кои живеат во повисоките населби на градот во близина на границата со Северна Македонија да бидат што е можно повнимателни и доколку е потребно да се евакуираат во градот.

Веста за пожарот во Македонија е централна тема за бугарските медиуми, кои потсетуваат дека нивната земја им помага на градовите Пехчево и Делчево во соседната држава.

Локализиран пожарот кај маалото Пасјак во делчевското село Нов Истевник

Делчево, 6 август 2021 (МИА) – Локализиран пожарот кај маалото Пасјак во делчевското село Нов Истевник од каде на 2 август започна и серијата пожари кои зафатија повеќе населени места во делчевско и пехчевско. Натчовечки напори на луѓето кои деноноќно гаснеа ја победи огнената стихија од распространување низ населбите и селата кој гравитираат со планината Средна.

Според информациите од самиот терен во пожарот опожарени се неколку куќи опфатени на терен каде немало безбеден пристап, но повеќето од маалата во близина се спасени.

Во гаснењето учествуваа екипа ловџии, мештаните од селото, полицијата, армијата, пожарникарите, шумарската служба, шумската полиција и неколку против пожарни единици од Бугарија и Словенија.

Борбата со стихијата продолжува кај селата Тработовиште и Вирче, а според првични проценки досега е опожарена површина од 44,5 километри квадратни.

Во однос на пожарите во пехчевско, забележано е повторно проширување на огнената стихија. Ситуацијата како што велат од терен е неповолна, а граѓани се организираат и заминуваат за гаснење на пожарот.