Собранието ја почна 131. седница на чиј дневен ред се околу 40 закони и барања за автентично толкување. На седницата не се присутни пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа седница почна откако беше прекината 137. седница на која требаше да се расправа за самораспуштање на Собранието.

Причина за прекинувањето на 137 седница, како што објасни спикерот Талат Џафери, е барањето на координаторите на пратеничките групи на СДСМ и ДУИ да се одржи 131. седница и да се донесат законите за аудио и аудио-визуелни услуги, за лични податоци и за изменување на Законот за Инспекторатот за употреба на јазиците.

-Тоа е барање и на ВМРО-ДПМНЕ по однос на законот за аудио и аудио визуелни услуги, рече Џафери.

Собранието претходно ги донесе и законите за јавно обвинителство, како и измените на законите за Совет на јавни обвинители и за одбрана. На гласањето за измените на законите за Совет на јавни обвинители и за одбрана пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа.

МИА