Новите газди на кавадаречки „Еуроникел индустри“, поранешен Фени, на досегашните вработени кои останаа без работа им понудиле договори за вработување со минимални плати, објави Макфакс.
Вработените се жалат дека никој од околу 600 луѓе засега не потпишал нов договор оти сите плати се многу пониски од ланските.
= Засега никој не е согласен со понуденото. Платите се движат од 22.000 до 26.000 денари. Луѓе што се претставуваат како менаџери на фабриката отворено ни кажуваат -ако не потпишете ќе увеземе работници од Косовио, тие ќе бидат задоволни. Само за споредба, платите во фабриката лани почнуваа од 29.000-30.000 илјади па нагоре, се пожали вработен во „Еуроникел“.
Синдикални претставници и некои од вработените очекуваат средба со новите сопственици на фабриката на која ќе разговараат за платите.
– Точно е дека има луѓе кои притискаат вработените да ги потпишат договорите оти во спротивно ќе донесат работници од ‘Фероникели’ од Косово, која исто така не работи. Никој досега не потпиша таков договор. Ние како Синдикат ќе бараме повисоки плати за сите вработени. Нашето барање е платите да бидат околу 40.000 илјади денари, колку што бил просекот во фабриката минатата година додека се работеше“, вели претседателот на Синдикатот, Ѓерасов за Макфакс.
Поради ненаплатени побарувања, Комерцијална банка ја презема фабриката „Еуроникел“ и на крајот на март, годинава, ја продаде на друштва основани до холандската холдинг-компанија „Полиникел холдинг БВ“, која е дел од групацијата „Јилдирим“.
Новите сопственици, веднаш откога ја купија фабриката, на Синдикатот му најавија дека на сите вработени ќе им дадат можност да се вратат на работа во рок од 90 дена и дека со производство планираат да почнат во јуни.
Фарук Беќири, кого вработените во „Еуроникел“ го посочуваат како нов директор на фабриката, не одговори на прашањата од „Макфакс“ за притисоците врз вработените и понудените минимални плати.
Од околу 600 вработени, во фабриката останаа да работат 120 работници потребни за одржување на печката, но и тие велат дека не би потпишале да работат за понудената плата.