Нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина, која беше заземена од Русија минатата година, ќе престане да користи нуклеарно гориво произведено во САД што е можно поскоро, јавија денеска руски медиуми повикувајќи се на руски функционер.

Ренат Карча, советник на извршниот директор на руската нуклеарна компанија „Росенергоат“, која сега управува со централата, изјави за Интерфакс дека централата во своите резерви има американско гориво за околу четири години, пренесува Хина. Сепак, руската администрација ќе се обиде да го замени тоа гориво со руско гориво што е можно поскоро бидејќи смета дека сопствената технологија е супериорна, рече тој.

Најголемата европска нуклеарна централа, во најголемиот дел изградена во советско време, првично користеше руско нуклеарно гориво, но Украина постепено се префрли на снабдување од Вестингхаус по првиот конфликт со Русија во 2014 година.

Руските сили ја зазедоа електраната минатата година додека окупираа делови од Украина, а централата оттогаш е во центарот на нуклеарната безбедносна криза поради речиси постојаното гранатирање во нејзина близина, за што Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат.