Германија ќе продолжи да се спротивставува на плановите на Франција да ја категоризира нуклеарната енергија како „зелена“, соопшти денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во Париз, за време на нејзината прва посета на француската престолнина по преземањето на функцијата.

– Познато е дека имаме различни ставови за нуклеарното прашање, рече Бербок по средбата со францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан.

Ден откако положи заклетва како член на новата германска коалициска влада, Бербок ја истакна големата важност на германско-француските односи за Европската унија.

Таа ги поздрави плановите на Франција за конференција за иднината на Европа по преземањето на ротирачкото претседавање со Советот на ЕУ на почетокот на следната година.

Во рамки на Унијата, во тек се дискусии за постигнување заеднички јазик со цел инвестициите да се насочат кон проекти кои се сметаат за одржливи.

Франција, заедно со Полска и Чешка, има за цел нуклеарната енергија да ја оквалификува како „зелена“, додека Германија, Австрија и Луксембург се против идејата. Најголем дел од својата електрична енергија Франција ја добива од нуклеарна енергија.