Тренерот на кошаркарите на Партизан, Жељко Обрадовиќ, изрази задоволство од предноста на неговиот тим од 2-0 во четвртфиналната серија во Евролигата против Реал и додаде дека масовната тепачка со која предвреме беше означен крај на синоќешниот втор натпревар во Мадрид не смее веќе да се повтори.

Партизан поведе со 2-0 во серијата до три победи, откако триумфираше со 95-80 во вториот натпревар, кој поради масовна тепачка меѓу играчите од двата тима беше прекината во самиот финиш.

„Ова не е добра слика ниту за Реал, ниту за Партизан, тоа не смее веќе да се повтори. Играчите имаат емоции, но ова не смееше да се случи. Ќе се обидам да ги смирам сите, имам пријатели во Реал, тоа е голем клуб и сакам да се зборува само за кошарка“, рече Обрадовиќ по натпреварот.

На една минута и 40 секунди пред крајот на натпреварот дојде до масовна тешка на паркетот, откако кошаркарот на Реал, Серхио Љуљ, направи груб прекршок врз противничкиот играч Кевин Пантер, кој возврати на провокацијата. Играчот на Реал, Гершон Јабуселе, потоа со боречки зафат го собори Данте Егзум, кој го повреди скочниот зглоб на левата нога и заработи голема исеченица на рамото.

Во општиот хаос дојде до меѓусебна пресметка меѓу двата тима, по што на теренот влегоа обезбедувањето и полицајци и ги раздвоија играчите од двата табора.

Судиите по прегледување на видеоснимките го прекинаа натпреварот, а Дисциплинската комисија на Евролигата дополнително ќе се произнесе околу казните за играчите.