Во изјавите на власта на ДУИ и СДС владее какафонија по темата уставни измени. Тоа е резултат на нивниот очај и нервоза, бидејќи насилниот обид спротивен на народната волја, им се удри во ѕид, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Да биде посмешно тие во обидите да расфрлаат пердуви уште повеќе самите се закопуваат. Имено Бујар Османи тврди дека фалеле уште 8 пратеници за мнозинство за уставни измени, а заборава дека неговите соработници шпекулираа дека им фалат уште 6 пратеници (Груби, 20 септември 2022 година), дека имаат 74 пратеници (Пендаровски, 18 ноември 2022 година) па дури и дека имаат обезбедено уставно мнозинство (Битиќи, 24 мај 2023 година). Лагите им се распрснуваат како меур од сапуница. Изгледаат како раштиман оркестар. Но, кога веќе прават вакви ментални екскурзии, треба и да се подзамислат, бидејќи тенденциите велат дека од недостаток 6, стасале на недостаток 8 пратеници, што значи дека им се распаѓа и тоа кое што го имаат, велат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат:

Да потсетиме дека неколку пратеници од самата коалиција на власт веќе директно и индиректно најавуваат дека нема да гласаат. Дополнително и други пратеници на кои Османи и Ковачевски сметаа почнаа да одбиваат поддршка на уставните измени. Народот вели „барајќи рогови си ја изгубиле главата“, па така оваа власт барајќи 2/3 може лесно да го загрози и владиното мнозинство. Впрочем така би си ја скратиле агонијата и би го спасиле народот од оваа криминална власт. Изборите се единственото решение во интерес на Македонија и единствениот излез во ќорсокакот во кој власта ја внесе државата.