Владата очекува извинување за шпекулациите дека синот на премиерот Христијан Мицкоски патувал во САД на државен трошок, изјави денеска портпаролката на Владата, Марија Митева, на прашање да ја коментира одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата која ја затвори постапката со заклучок дека Јован Мицкоски сам ги платил трошоците.
– Ја видовме одлуката на ДКСК за случајот со синот на Мицкоски, таа е очекувана и разумна. Со тоа се потврдува начинот на којшто Владата, а тоа е со почитување на Уставот и на законите. Денес се гледа јасно од каде дојдоа овие шпекулации и ако ништо друго, очекуваме во најмала рака да има извинување за сите шпекулации коишто можеби имаа друга цел со ширењето на ваквите невистини – изјави Митева.
Зоран Богоевски од ДКСД денеска обзнани дека се доставени фискални сметки кои покажуваат дека синот на Мицкоски сам ги платил авионот и хотелот и дека не бил дел од официјалната владина делегација и не присуствувал на ниту еден официјален состанок или средба од владината посета.
Одговарајќи на прашања Митева откри и дaли Владата ќе преземе обврска да го извести со писмо Собранието за новите предлози за продолжување на евроинтеграциите кои Владата треба да ги достави во Брисел, откако опозицијата повика да се објави планот.
– Ги слушнавме изјавите од повикот за информирање на Собранието. Од она што го презентираа премиерот и министерот за европски прашања секако кога ќе се подготви такво решение јавноста ќе биде информирана. Тоа нема да се држи во тајност. Владата е отворена и секогаш посветена на евроинтегативниот пат. Штом ќе се создадат услови и ќе се донесе став ќе ја информираме јавноста.
Запрашана за тоа дека трите блока на РЕК Битола не функционираат Митева вели:
– Министерство за енергетика веќе излезе со став дека ќе се зголемат набавктие на реагенсите поради променетите временски услови. Да дозволиме времето да покаже кои се причините за ваквите состојби. Но, факт е дека поради негрижата на минатата влада ние се соочуваме со ваквите проблеми сега.
Меѓу другите информации, Митева го најави и проектот за ваучер од 250 евра за електронски уред за секој студент.
– Младите мора да го добијат централното место во носењето одлуки, тоа е визијата на Владата. Затоа отпочнавме мерка за 250 евра ваучер за електронски уред за сите студенти и финансиска помош до 30.000 евра за стартување бизнис – рече портпаролката.
Таа вели дека Владата отпочнала комуникацијата со компаниите од информатичкиот сектор за изнајдување на најдобра методологија за распределба на финансиските средства.
Целта, вели таа, е да се изнајде најповолно решение преку кое компаниите треба да ги обезбедат уредите, а исплатата ќе биде извршена преку ваучерите.
На прашањето дали ќе може да ги открие советниците назначени од премиерот таа рече дека составот уште не е комплетиран, а дека медиумите навремено ќе бидат инфомирани кога тоа ќе се случи.