Пациентка на 52- годишна возраст починала по рутинска гинеколошка операција – киретажа поради менопауза, од засега непознати причини потврдуваат за „Слободен печат“ раководни структури од Општа болница Прилеп.

Според наши информации, пишува Слободен печат, триесет часа после киретажата, истата пациентка дошла на Инфективната клиника во Скопје, била на кислород и исклучително вознемирена, во исклучително тешка, септична состојба, а резултатите од крвната анализа биле лоши.

Неколку операциони сали во општата болница Прилеп се затворени поради тоа што постои сомнение дека внатре има ретка опасна бактерија „серација“ но нејзиното присуство не е потврдено од страна на стручните служби, а смртта на пациентката не е потврдено дека е настаната поради сепса ниту дека е на било каков начин поврзана со евентуалната бактерија.

Она кое го потврдуваат нашите медицински извори е дека само интрахоспитална бактерија може да предизвика брза акутна септична состојба каква што имала пацинетката пред да почине. Од превентивни причини неколку одделенија се затворени за пациентите во Прилеп, а доколку бараат интервенција која не е итна, таа се одложува до целосно расчистување на состојбата.

-Редовната програма за операции се одложува, другите случаи се препраќаат во други болници, а само животозагрозувачките случаи се третираат додека да ги добиеме резултатите од анализите. Без резултатите не би можела да кажам дали има или нема бактерии. Салите се затворени на неколку одделенија, ортопедија, гинекологија, максилофацијална, очно, интензивна нега. Чекаме резултати, вели директорката на Општата болница Прилеп Кети Смилевска.

Суспекната бактерија серација може да предизвика сериозни инфекции кај болничките пациенти. Особено сензитивно е доколку пациентот користи катетар и така бактеријата може да се пренесе, според медицинската литература. Може да предизвика инфекции на уринарниот тракт, на дишните органи и очите. Симптомите на инфекцијата со серација на дишните патишта се запаление на грлото и носот и чувство на задушување. Серација може да предизвика запаление на белите дробови, менингитис, артритис и други тешки состојби.