Македонската одбојкарска репрезентација ќе игра против Хрватска во полуфиналето на завршниот турнир во Сребрената европска лига. Турнирот ќе се одржи во Скопје во спортскиот центар „Кале“ на 15 и 16 јуни, а Македонија како домаќин имаше загарантиран пласман и резултатите во групната фаза не беа важни.
Македонските одбојкари завршија на третото место во групата А со две победи против Косово и вкупно четири порази, односно по два од Австрија и Летонија.
Хрватска е на второто место во групата Б зад Белорусија. Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Белорусија и Летонија.
Победникот на завршниот турнир следната година ќе се натпреварува во повисок ранг, односно ќе го добие местото на најслабо рангираната екипа од оваа сезона во Златната европска лига.