Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска престојува во седиштето на НАТО во Неапол, Италија каде ќе има средби во Сојузничката команда на Здружените сили на НАТО. Министерката ќе има тет-а-тет состанок со првиот човек, командантот на Сојузничката команда, адмирал Роберт Бурк.

Како што информираа од Министерството за одбрана, на средбата меѓу другото ќе стане збор за актуелните предизвици во безбедноста, улогата на Северна Македонија како членка на НАТО и нашиот придонес во мирот и стабилноста во регионот.

Во рамки на посетата на Неапол, делегацијата од Министерството за одбрана и од Армијата предводена од Шекеринска, ќе има и средби во директоратите за вежби и операции на кои ќе бидат брифирани за активностите на Сојузничката команда.

Последната средба на министерката Шекеринска со адмиралот Бурк беше во март оваа година кога тој ја посети Македонија по повод одбележувањето на првата годишнина од членството во НАТО.

Шекеринска на социјалните мрежи објави:

– Средби, разговори и брифинзи во Сојузничката команда на Здружените сили на НАТО во Неапол на тема регионот и светот. Очекувам интензивен, но корисен ден, напиша министерката во нејзината објава на Фејсбук.