Универзитетската професорка Гордана Силјановска – Давкова е шестиот претседател на Македонија и прва жена која е избрана на оваа позиција.
Силјановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ на вториот круг од Претседателските избори одржани на 8 мај 2024 година го победи досегашниот претседател Стево Пендаровски. Според првичните официјални резултати на Државната изборна комисија (ДИК) Сиљановска – Давкова освила 561.001 глас, а нејзиниот противкандидат Пендаровски 251.881 глас.
Во кампањата која ја водеше под слоганот „Македонија повторно горда“, Силјановска-Давкова говореше дека придавката „Северна“ нема да ја користи, но ќе стои пред табла со новото уставно име. Таа имаше изјавено и дека е против уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, но доколку Собранието донесе таква одлука ќе ја почитува, бидејќи Собранието е уставотворен орган. До граѓаните порачуваше дека треба да ги почитуваме темелните вредности на нашиот уставен поредок, а Преспанскиот договор за неа, како што велеше, е политички и правно отворено прашање.
По победата на изборите таа вети дека ќе биде претседател на сите граѓани.
-Јас тврдам дека ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани. Тоа значи на сите етнички групи, на сите членови на партиите, на оние кои не се во партиите, бидејќи не може ниту еден претседател да трага по единство, ако држи партиски линии, изјави Силјановска – Давкова.
Таа потенцира дека нема поголема промена од тоа за прв пат во нашата држава да има претседател жена.
– Има ли поголема промена од таа за првпат во оваа државичка, држава, жена да стане претседател? Има ли поголема инспирација за умните жени – нема. И јас мислам дека со мене, држете ме до збор, кога ќе се опкружам со жени слични на мене, жени по моделот на Ватцлав Хавел, субверзивни, свои, стамени, кои умеат да изразат став на свој начин, на поинаков начин од машкиот, да го бранат тоа е некаков голем исчекор и тоа е за мене реформски чекор, потенцираше таа.
Силјановска-Давкова е родена на 11 мај 1953 во Охрид. Основно и средно образование завршила во Скопје (1973). Дипломирала на Правниот факултет во Скопје (1978), каде што и магистрирала. Докторирала пред комисија предводена од проф. Франц Град со „Cum laude“ на Правниот факултет во Љубљана, на тема „Local Selfgovernment – between Norms and Reality“ во 1994.
Била избрана за асистент по предметот политички систем на Правниот факултет во Скопје (1989), за доцент по уставно право и политички систем (1994), а потоа и за редовен професор во 2004. Била член на Уставната комисија на Собранието на РМ (1990-1992) и министер во Владата на РМ (1992-1994). Експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.
Силјановска-Давкова беше канадидат на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателските избори во 2019 година, но изгуби од Стево Пендаровски.
На парламентарните избори во 2020 година, Силјановска-Давкова беше носител на кандидатскиот список за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во Изборна единица 1. Од август 2020 година таа е пратеник во македонското Собрание.