Јавното обвинителство истражува зошто веќе една недела се затворени хируршките сали во клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Првите информации се дека се ширел непријатен мирис, а од Министерството за здравство посочиле на проблеми со функционирање на вентилацискиот систем. Предметот е распореден кај обвинител кој треба да провери дали во овој случај има кривично дело.
По собраните искази и докази обвинителството ќе процени дали постои основа да поведе кривична постапка и против кого. Во моментов приспособени се само три сали за исклучително итни случаи, а пациенти се препраќаат во други болници.
За состојбите на клинички центар денеска реагираа од ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека со потпис со лична согласност, луѓе се оперираат на сопствен ризик. Од партијата обвинуваат дека ДУИ и СДСМ системски го уништуваат здравството до последен ден и дека незапаметен хаос владее на Клиниката за хирургија.