Германскиот канцелар Олаф Шолц повика на флексибилност во преземањето на мерките во борба против пандемијата на коронавирус, јави ДПА.

-Не смее да има црвени линии, оваа пандемија навистина ни го покажа тоа. Секогаш мора да бидеме подготвени повторно да размислиме доколку околностите тоа го бараат, рече канцеларот за неделното издание на весникот „Билд“. Тогаш, додаде тој, мора да се дејствува брзо и одлучно.

„За да можат болниците да понудат доволно кревети за интензивна нега поради многу пациенти со Ковид-19, ние штотуку ставивме на располагање многу пари“, објасни тој.

-Забраната за огномет на новогодишната ноќ има за цел да спречи повеќе повредени лица дополнително да ги оптоваруваат собите за итни случаи.

Шолц категорично не го отфрли Божиќниот локдаун. Како одговор на прашање во тој контекст  канцеларот кажа дека „Сојузната влада и државите штотуку презедоа многу ригидни мерки. Секој ден ќе проверуваме како тие се спроведуваат и дали се доволни“.

Според Шолц, Германија не е поделена на вакцинирани и невакцинирани луѓе.

-Огромното мнозинство граѓани се вакцинирани. Многу повеќе од нив сакаат да го сторат тоа наскоро бидејќи ја надминаа својата резерва за ова прашање, додаде Шолц.