Прво Македонците да бидат внесени во бугарскиот устав, па потоа Бугарите во македонскиот, порачуваат Македонците од ОМО Илинден Пирин од Пиринска Македонија.

– Се додека прво Бугарија не ги признае Македонците како малцинство и не ги внесе во бугарскиот устав, ниеден македонски политичар НЕМА ПРАВО да гласа за промена на македонскиот устав и за внес на бугарското малцинство во тој устав. Секој македонски политичар кој ги става надворешните интереси (на Бугарија и на ЕУ) пред македонските интереси, и кој работи против македонските национални интереси, треба да одговора и да биде изведен пред суд како НАЈГОЛЕМ НАЦИОНАЛЕН ПРЕДАВНИК, се вели во објавата на ОМО Илинден Пирин.

Македонците, се додава натаму, повеќе не веруваат на лажни приказни за некакви гаранции од ЕУ.

– ЕУ многу пати досега докажа дека и се битни само бугарските и грчките интереси, и со децении молчи и го одобрува негирањето и газењето на македонскиот идентитет и во Бугарија, и во Грција и во Македонија! Македонските политичари се избрани од македонскиот народ и на нив најбитни и на прво место мора да им бидат македонските национални интереси, а не интересите на Бугарија, Грција и ЕУ, се вели во објавата на ОМО Илинден Пирин на нивниот официјален профил на Фејсбук.