Индија е на пат да стане најнаселена земја во светот, и да ја престигне Кина со речиси 3 милиони луѓе повеќе во средината на оваа година, покажаа податоците објавени денеска од ОН.

Демографските податоци од Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) „Извештај за состојбата на светското население, 2023“ проценуваат дека населението на Индија е 1.4286 милијарди наспроти 1.4257 милијарди во Кина.

САД се трета, со проценета популација од 340 милиони, покажаа податоците достапни заклучно со февруари 2023 година, се вели во извештајот.

Експертите за население кои користат претходни податоци од ОН предвидуваат дека Индија ќе ја престигне Кина овој месец. Но, во последниот извештај на глобалното тело не е наведен датум кога ќе се случи промената.

Иако Индија и Кина ќе сочинуваат повеќе од една третина од проценетата глобална популација од 8,045 милијарди, растот на населението во двата азиски гиганти забавува, со многу побрзо темпо во Кина отколку во Индија.

Минатата година, популацијата на Кина се намали за првпат по шест децении, историски пресврт што се очекува да го означи почетокот на долгиот период на опаѓање на бројот на нејзините граѓани со длабоки импликации за нејзината економија и светот.

Годишниот раст на населението во Индија е во просек 1,2 отсто од 2011 година, во споредба со 1,7 отсто во 10-те години претходно, според владините податоци.

Според ставот на регионалниот директор на УНФПА за Азија-Пацифик, Бјорн Андерсон, кога станува збор за родовата еднаквост и исполнувањето на сексуалните и репродуктивните права на жените има извесен напредок, има уште многу на што треба да се обрне внимание.

„Над 130 милиони жени се уште немаат пристап до услуги и информации за планирање семејство…Повеќе од половина од 1,8 милијарди адолесценти и млади во светот живеат во Азија и Пацификот, повеќето од нив немаат пристап до сеопфатно сексуално образование за да можат да донесуваат информирани одлуки за нивните тела. Процентот на жени пријавени дека доживеале физичко и или сексуално насилство од интимен партнер е висок.

Сега е време да се забрза напредокот кон заложбите преземени на Меѓународната конференција за население и развој во 1994 година, која ја постави Програмата за акција, признавајќи дека човековите права и индивидуалното достоинство, вклучително и репродуктивното здравје и права, зајакнувањето на жените и родовата еднаквост, се камен-темелници на развојот.

Развојните политики, вклучително и оние кои се однесуваат на проблемите со населението, мора да ги потврдуваат правата. Сите заедно да работиме на тоа да ги ставиме правата и изборот на жените и девојките во центарот – да изградиме општества кои ќе можат да издржат и да процветаат среде флуктуациите во трендовите на населението“.