По информациите дека францускиот претседател, Емануел Макрон, планира да формира паневропско антипопулистичко движење пред следните избори за Европскиот парламент, се огласи унгарскиот премиер, Виктор Орбан, со своите планови.
Во интервју за германскиот весник, „Билд“, Орбан наредните европски избори, кои ќе се одржат во мај 2019 ширум ЕУ, ги нарекува одлучни и неговата цел да се „урнат либералните елити“, јави МИА од Брисел.
Унгарскиот премиер смета дека изборната кампања треба да биде фокусирана на миграциските прашања, а декларирана цел на Орбан е да се спротистави на француското лидерство во ЕУ.
– Германците треба да бидат посебно внимателни, затоа што идејата на Французите е да наметнат француско лидерство, а да го финансираат со германски пари. Отфрлам таков проект. Не сакаме Унија предводена од Франција, вели Орбан за германскиот весник, кој во интервјуто не го цитира Макрон со име.
Освен за миграциските прашања, Унгарија не се согласува со Франција ниту за зајакнувањето на европската интеграција, бидејќи Унгарија сака заедница на земји-нации, наместо историскиот проект за интегрирана ЕУ.
Орбан бара и помека политика кон Русија и Турција, што исто така е во спротивност на визијата на Макрон.
Програмата на Орбан за изборите се состои од пет точки: заштита на христијанската култура и отфрлање на мултукултурализмот; заштита на традиционалното семејство; заштита на стратешките национални сектори; заштита на националните граници и отфрлање на имиграцијата; и еднаквост помеѓу сите нации во ЕУ.
Макрон не реагираше на интервјуто на Орбан, но неговата министерка за европски прашања, Натали Луазо, твитна со потсмев, и без директно да го спомене Орбан, за парадоксалниот однос на оние кои „ја критикиваат Западна Европа дека е недемократска, а ги поздравува Русија и Турција“.
Владата на Орбан се соочува со две прекршочни процедури на Европската комисија поради неговите политики за азил кои претставуваат прекршување на правото на ЕУ. Орбан неодамна порача дека не бил загрижен за тие процедури, затоа што е уверен оти на следните избори за ЕУ на власт ќе дојдат нови сили во Унијата.
Граѓаните на ЕУ идната година ќе гласаат за парламентарни избори. Од тие резултати ќе зависи составот на идната ЕК.
Последните анкети покажуваат подем за популистичките и националистичките сили во Европарламентот во 2019, но недоволни за да ги заземат првите две места, кои традиционално им припаѓаат на демохристијанската десница и социјал-демократите.