Ако го прифатевме сегашниот предлог, тоа ќе значеше поддржување на имиграцијата и уценување на оние земји кои се противат на имиграцијата, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, во врска со ветото што Унгарија го стави на буџетот на Европската Унија.

– Ќе нѐ принудуваа да примаме мигранти, рече Орбан.

Унгарија заедно со Полска го блокираше изгласувањето на седумгодишниот буџет од 1.800 милијарди евра, кој вклучува и фонд од 750 милијарди наменет за заздравување од последиците на пандемијата на коронавирусот. Сепак, ЕУ неодамна го услови одобрувањето на фондовите со почитувањето на владеењето на правото.

Орбан рече дека Унгарија е посветена на почитувањето на владеењето на правото.

– Оние што ги бранат своите граници и својата земја од мигранти во Брисел веќе не се класифицираат како некои што го почитуваат законот. Ние во јули ги поддржавме и буџетот и фондот за заздравување зашто сме посветени на европската солидарност, рече Орбан.

Денеска и Словенија им се придружи на Унгарија и на Полска.