По билатералните средби што ги имавме во Берлин, јас сум оптимист дека во јуни е добра прилика за да добиеме одлука за почнување преговори за членство во ЕУ, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на прес-конференција во Клубот на пратеници, по повод Светскиот ден на слободата на медиумите.

Посочи дека Берлинскиот самит не бил за проширување, туку за да се да се врати фокусот на земјите-членки на Европската Унија кон деблокирање на процесот на разговори меѓу Косово и Србија, а втор важен момент, според него, е што биле поканети земјите од регионот, за да бидат сведоци и гаранти на хипотетичко решение што може да се изнајде меѓу Србија и Косово.

– Ние го искористивме тој самит за да имаме билатерални средби и со канцеларката Меркел, и со Могерини надвор од контекстот на самитот и се разбира моравме да ги отвориме прашањата што нас не засегаа. Но самитот не расправаше за прашањето за проширувањер, одн осно за прашање за датум, туку исклучиво за темата деблоирање на разговорите Косово-Србија, рече Османи.

Истакна дека земјава на Самитот била поканета и во уште една функција – за да бидеме модел и да ги охрабриме и Косово и Србија и другите земји како се решаваат меѓудржавни проблеми.

– РС Македонија е пример за успешна преродба на европската идеја во еден тежок регион како што е Балканот. Таа приказна е толку силна што не можат да ја игнорира ниту една земја-членка и таква мислам дека ќе биде и одлуката во јуни. Се уште постои техничката дилема дали Бундестагот ќе може во едната единствена сесија меѓу препораката и одлуката на Советот да расправа, меѓутоа правиме напори и овој период ќе го искористиме максимално за да не оставиме никаков аргумент за да се одложи дебатата, посочи Османи.

Во однос на тоа дали ќе се одлучува за евроатлантската перспектива на земјите во пакет, Османи рече дека нашите очекувања се дека двете земји треба да добијат датум за почеток на преговори, бидејќи така создаваме предуслови за синергија и соработка меѓу двете земји во самите преговори, но и се дава поттик за целиот регион, бидејки ќе имаме четири држави од шесте кои започнуваат преговори.

– Но принципот што го заговараме е дека треба да има регата принцип, и секоја земја треба да се движи според брзината што сама си ја наметнува, и ќе има меритократски пристап за индивидуалните заслуги за секоја земја, оцени Османи.

Османи, на прес-конференцијата, потсети дека земјава поминува долг маратон за зачленување во ЕУ, и оти сега се наоѓаме во последните чекори пред големиот моментум кога се носи одлуката за започнување на преговори.

– Сметам дека тие последни чекори се совпаѓаат и со чекорите што граѓаните треба да ги поминат од нивните домови до гласачките места, бидејќи успешни избори на 5 мај, значи докажување на зрелоста и демократскиот капацитет на државата. Тоа ќе биде најсилната порака, и последниот аргумент со кој ќе се убедат земјите-членки и Европската комисија, дека оваа држава ги исполнува сите услови и политички и технички, за започнување преговори, подвлече вицепремиерот.