Оваа година ја прославуваме годишнината од нашето полноправно членство во НАТО и С. Македонија денес е дел од трансатлантското семејство на држави и стоиме рамо до рамо со нашите сојузници, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи пред почетокот на редовниот состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на дипломатии што се одржува во Брисел.

– Ова е историски момент и за мене и за мојата земја. За прв пат сме физички на масата на министерскиот состанок во пресрет на нашата прва годишнина од полноправното членство во Алијансата, истакна Османи.

Нагласувајќи го членството во НАТО, како стратешки успех за земјата, Османи потенцира дека на средбата ќе ја пренесе пораката оти Македонија ги споделува заедничките вредности и стои на ниво на задачата со своето членство во Алијансата, придонесувајќи кон стабилноста на регионот, ширејќи ги вредностите на НАТО и активно придонесувајќи за надминување на заеднички предизвици.

Денешната средба во седиштето на НАТО во Брисел е прв состанок на Советот што ќе се одржи со физичко присуство, по пауза од една година заради пандемијата со Ковид-19.

– Министерот Османи, ќе биде прв политички претставник од РС Македонија кој физички ќе присуствува на состанок на Северноатлантскиот совет од зачленувањето на нашата земја во НАТО, во март минатата година, што ќе биде искористено да оствари и неколку билатерални средби со министри за надворешни работи на земји-членки на НАТО и партнери, соопшти МНР.

Според најавите на средбата шефовите на дипломатиите ќе се осврнат на развојот на агендата во врска со „НАТО 2030“, а се очекува да дадат свои коментари и сугестии во однос на идната геостратешка улога на Алијансата и справувањето со идните безбедносни предизвици, како и да одобрат неколку одлуки во врска со темите што се предмет на дискусија.