Се консултираме со нашите сојузници во НАТО и внимателно ја следиме ситуацијата, објави синоќа министерот за надворешни работи Бујар Османи, во врска со случувањата во полското село на границата со Украина.

– Загрижени сме од ракетните напади кои преминаа на територијата на Полска. Целосна поддршка и солидарност со нашиот близок партнер Полска и сочувство до семејствата на жртвите. Се консултираме со нашите сојузници во НАТО и внимателно ја следиме ситуацијата, напиша Османи на својот профил на Твитер.

Реакцијата на министерот Османи се однесува на двете паднати ракети во погранично село во Полска, при што загинале две лица. Набрзо во медиумите се појавија вести дека ракетите се руски, но руското Министерство за одбрана негира дека станува збор за руско оружје и дека обвинувањата се само провокација.