Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваната вонредна и ополномоштена амбасадорка на Хеленската Република во Република  Македонија, Софија Филипиду.

Посакувајќи и добредојде и успех во вршењето на функцијата, Османи ја пренесе убеденоста дека позитивната динамика во односите меѓу двете пријателски земји ќе продолжи и за време на нејзиниот мандат, инфрмираат денеска од МНР.

На средбата биле потврдени блиските односи и плодната трговска размена меѓу двете држави, подготвеноста за активна и отворена соработка во насока на натамошно унапредување на севкупната билатерална соработка, како и важноста на целосна имплементација на договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји – Преспанскиот договор, кој отвори едно ново поглавје во односите меѓу Македонија и Грција.

Како што нагласуваат од МНР, Османи на средбата изразил благодарност за цврстата поддршка на Грција за евроинтегративниот пат на Македонија.