Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изјави денеска дека земјите-членки на Обединетите нации кои спроведуваат прекин на огнот на Корејскиот полуостров се загрижени дека Кина и Русија и помагаат на Северна Кореја да ги прошири своите воени капацитети, а со тоа му дозволуваат на Пјонгјанг да ги избегне санкциите на ОН.

Остин го изјави ова на состанокот во Сеул со министрите за одбрана и претставниците на 17-те земји кои ја сочинуваат Командата на ОН (УНЦ), телото кое го надгледува прекинот на огнот на Корејскиот полуостров.

„УНЦ ќе биде обединет при секое евентуално обновување на непријателствата или на вооружени напади на Корејскиот полуостров“, се вели во заедничката изјава на тоа тело на светската организација и Јужна Кореја.

Тие, исто така, ја осудуваат севернокорејската нуклеарна и балистичка ракетна програма, која ги прекршува резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

Јужнокорејскиот министер за одбрана Шин Вон-сик изјави дека Пјонгјанг бил предупреден да не презема никакви агресивни дејствија.

Седумнаесет земји-членки на УНЦ, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Австралија и Турција, испратија војници или придонесоа со медицинска помош за време на Корејската војна 1950-1953 година.

ОН имаше мандат да го врати мирот и да спроведе прекин на огнот додека дејствуваше како канал за
комуникација со Северна Кореја, а е предводен од командантот на американската армија стационирана во Јужна Кореја.

Северна Кореја во понеделникот го нарече УНЦ „алатка на САД за конфронтација“ за кој рече дека нема никаква врска со ОН и дека мора да се распушти за да се спречи нова војна на Корејскиот полуостров.

Фото: МИА архива