Многумина се збунети во врска конзумирањето на грозје до празникот Преображение и го поставуваат прашањето зошто е тоа така? Ваквата практика постои уште од востанувањето на Успенскиот пост (податоците покажуваат дека е востановен околу 450 год. за време на Лав Велики). Во правилото (типикот) се вели:
Отец Арсовски
„Ако некој од браќата јаде грозје пред овој празник да добие епитимија, бидејќи го презрел пропишаниот типик; на тој начин да привикнат и другите да го почитуваат типикот на светите отци… овој типик важи и за смоквите…“, објаснува свештеникот на МПЦ-ОА од Кочани, Димитар Арсовски на својот ФБ профил во врска со ова прашање.
Тој додава:
„Грозјето како плод го симболизира Преображението на Христос (metamorphosis, μεταμόρφωσης). Симболиката е следната: како што од семка станува плод, од плодот се прави вино, за на крај виното на самата Света Литургија да се преобрази во вистинска крв на самиот Христос со која ние се причестуваме и стануваме заедничари.
Што се однесува до смоквите имам сретнато податок дека тие се благословуваат бидејќи според запишаното во Светото Писмо, на Велики понеделник Христос ја проколнува неплодната смоква (Мар. 11, 13-14). Не се сеќавам од каде ми е овој податок, некако ми е во магла и не го земајте како веродостоен здраво за готово.
Р. Ѕ. Да не заборавиме дека храната е секундарна работа во постот, да се концентрираме на примарната: молитвата, покајанието, добрите дела…“, вели Арсовски.
Исус и проколнатата смоква
Инаку, д-р Марко Kитевски во врсак со народното верување поврзано со ова пишува дека на Преображение прв пат се јаде грозје или друго овошје откако свештеникот ќе го отпее и благослови. Тоа претставува и благодарност кон Бога за дадените плодови на земјата. Светата црква го востановила празникот Преображение Господово, кој се празнува секоја година на 19 август, за време на Богородичините пости, пред празникот Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица.) На иконите, овој настан е претставен така што Исус стои на врвот на планината во бела облека, од десната страна е пророкот Мојсеј со таблата со законите, а од левата страна пророкот Илија. Долу се апостолите паднати ничкум, а со рацете ги заштитуваат очите од силната светлина што зрачи од Исуса.
Во краишта каде што нема грозје се осветуваат други плодови како јаболка, сливи и сл. Овој чин претставува и благодарност кон Господа за сите природни дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и грозје. Тоа не е нафора во вистинската смисла на зборот, туку само благодарност кон Господа за плодовите.
Марко Китевски