Поранешната Отоманска касарна во Истанбул ќе биде претворена во најголема библиотека во Турција со вкупно 7 милиони книги библиотечен фонд, јави агенцијата Анадолија.

„Планот е да се изгради најголемата библиотека во Турција како и долина на книгата. Откако проектот ќе биде завршен ќе биде и кандидат за најголема библиотека во светот“, Цоскун Јилмаз, регионален директор за култура и туризам изјави за агенцијата.

Кога процесот на реставрација на историскиот комплекс ќе биде завршен, тој ќе биде една од атракциите на културата и уметноста на Истанбул со корисна површина од 220.000 квадратни метри.

Историскиот артилериски кварт Рами е изграден во 1770 година во областа Ејуп на европскиот дел на градот.

На почетокот на месецов претседателот Реџеп Таип Ердоган го објави проектот, кој се наоѓа и во изборната програма на неговата Партија на правдата и развојот (АКА).

„Правиме напори да ги охрабриме нашите генерации да читаат книги“, рече Ердоган.

Библиотеката е предвидено да има читални, изложбени салони, кафетерии, киносали и продавници. Исто така, во библиотеката ќе има одделенија за деца и за колекционери. Предвидени се 1.250 паркинг места.

Проектот е предвидено да чини 43,3 милиони долари и да се отвори во 2020 година.

Според статистичките податоци објавени лани, во Туција има 29.000 библиотеки, меѓу нив Националната библиотека како и 500 универзитетски библиотеки.