Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура што се одржува во Охрид почна денеска. На семинарот кој се одржува по 51. пат ќе учествуваат 74 странски студенти кои го слушаат предметот македонски јазик во рамки на студиските програми на своите универзитети, студенти кои истражуваат теми во врска со македонскиот јазик, литература и култура и научни работници и универзитетски професори кои истражувале или истражуваат проекти од областа на македонистиката од 25 држави.

Ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје Никола Јанкуловски, во обраќањето пред учесниците истакна дека не случајно уште од основањето во 1967 година Семинарот се одржува во Охрид, културно-историското светилиште каде духот и традицијата на Охридската книжевна школа и Светиклиментовиот универзитет претставуваат непресушен извор на македонското слово.

– Токму од тука произлегува голем дел од словенското ракописно наследство врз кое се темели развитокот на словенското слово и создавањето на одделни писмени традиции. Затоа токму овде дел од вас првпат ќе се сретнат со македонското слово, а дел од вас ќе ги прошират и надградат своите познавања од областа на македонскиот јазик, литература и култура, истакна Јанкуловски.

Ректорот на УКИМ истакна дека Семинарот со своето петдецениско постоење претставува сериозна институција која ја афирмира и анимира македонистиката, македонскиот јазик, литература и култура, додека странските учесници се препознаваат како амбасадори на македонистиката низ светот.

И оваа година во рамки на програмата учесниците ќе ги развиваат вештините од областа на македонскиот јазик, ќе ги совладуваат преку лекторските часови на искусни професори и истакнати научни работници од катедрите за македонски јазик и јужнословенски јазици, за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.