Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија во соработка со локалната самоуправа, денеска со почеток од 15:00 часот на плоштадот Александрија во Прилеп, каде што е и споменикот на македонскиот војсководец Александар Македонски, организираат отворен ден за граѓаните.

Настанот е дел од активностите со кои се одбележуваат 75 години од формирањето на НАТО и воедно четири години од нашето членство во Алијансата.

На отворениот ден, присутните ќе имаат можност да се запознаат со артилериските системи и орудија од артилерискиот баталјон, вооружување, воената опрема и возила од повеќе единици, меѓу кои од пешадиските единици, баталјонот на воена полиција, баталјонот за врски и изидувачко разузнувачкиот баталјон.

Граѓаните исто така ќе имаат прилика да ги проследат борбените вештини на припадниците на баталјонот за специјални сили и алпинистичките вештини на ренџерите од составот на изидувачко разузнувачкиот баталјон.

Активноста ќе биде проследена од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и претставници од локалната самоуправа.

Отворениот ден во Прилеп е дел од планираните настани кои се организираат во седум градови во внатрешноста и во Скопје со кои ќе се одбележат 75 години од формирањето на НАТО и четири години членство на Република Македонија во НАТО.

Претходно, граѓаните на Струмица, Кавадарци, Штип и Тетово имаа можност да присуствуваат на овие настани, а вакви отворени денови следуваат во Скопје, Охрид и Кичево.

Фото: МИА архива