Специјалното јавно обвинителство среде кампања за претседателските избори повикува опозициски функционери на разговори, се закажуваат судења во судовите, потоа се одлагаат поради отсуство на судија и сето тоа наидува на одек во јавноста преку медиумите.

Паралелно со политичката кампања на плоштадите тече оваа задскриена кампања против опозицијата низ судските и обвинителските сали и коридори.

Пред некој ден беше закажано рочиште кое беше одложено поради отсуство на судијата, а истото се случи и денеска. Но, не се само овие примери сред кампања за избори да се закажуваат и одложуваат рочишта.

Случајот „Топлик“ за продажбата на државното земјиште за изградба на комплексот „Сончев град“ во Сопиште продолжува на 17-ти мај, откако денешното рочиште беше одложено поради отсуство на судијата Огнен Ставрев.

На денешното рочиште во судница присутни беа првоосомничениот во случајот, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и другите петмина обвинети, како и повиканите сведоци.

На следното рочиште, како што е најавено, треба да бидат сослушани пет сведоци.

Случајот го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е обвинителот Бурим Рустеми од СЈО.

Според обвинението на СЈО, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“. Според обвинението Јанакиески и другите петмина обвинети го оштетиле државниот Буџет за 64.206.839 денари односно за милион и 44.000 евра.