ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение ја обвини Левица и нејзиниот лидер Димитар Апасиев дека го блокираат донесувањето на новиот Изборен законик, иако, според партијата, претходно бил постигнат широк политички консензус околу законските решенија.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека во процесот на усогласување биле прифатени и барањата на Левица, меѓу кои и предлогот за поголемо буџетско финансирање на изборната кампања, но дека партијата подоцна се повлекла од договореното и започнала да го блокира законскиот процес.
„Левица со денови јавно зборува за принципи, демократија и една изборна единица, а кога на маса беше ставен договор во кој беа прифатени нивните барања, решија да го блокираат процесот и Изборниот законик“, се наведува во соопштението.
Владејачката партија оценува дека политиката на Левица се темели на „дневен политички маркетинг и пресметана конфронтација“, наместо на принципиелност, обвинувајќи ја дека создава „вештачки кризи“ наместо да придонесе за реформите.
Во соопштението ВМРО-ДПМНЕ упатува критики и кон лидерот на Левица, Димитар Апасиев, тврдејќи дека не останал доследен на претходно постигнатите договори и дека партијата се води од сопствени политички интереси.
Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Левица, заедно со СДС, го кочи носењето на Изборниот законик и спроведувањето на реформите, додавајќи дека граѓаните, според нив, не ги поддржуваат ваквите политики.




