Двете најголеми партии во државата и натаму со спротивни ставови околу изборите.

Според владејачката СДСМ, треба да се искористи првата можност за избори, тие да се одржат во најбрз рок, веднаш штом се создадат услови, по завршувањето на вонредната состојба и пред евентуалниот втор корона-пик зашто на земјава и требаат кредибилни институции кои ќе носат храбри, но и одговорни одлуки. За ВМРО-ДПМНЕ, приоритет се здравјето и економската стабилност.

Меѓусебните обвинивувања продолжија и вчера. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев изјави дека Мицкоски се плаши, знае дека ќе изгуби на изборите и дека ќе бидат казнети неговите, како што рече, погубни политики. Мицкоски возврати дека на Заев му се најважни власта и фотелјата, а не здравјето на граѓаните.

И додека траат препукувањата, министерот за здравство, Венко Филипче е дециден: Кога и да се одржат изборите, тие мора да се спроведат по строг протокол за заштита на здравјето на граѓаните кој ќе биде изработен од Комисијата за заразни болести. Притоа, нема да се дозволи никаква организација што може да го загрози успешното менаџирање на здравствената криза.

– Секаде опозицијата бара функционален парламент, да биде коректив на власта, само кај нас не е така. ВМРО-ДПМНЕ се плаши од избори, има чувство дека ќе загуби, дека ќе бидат казнети нивните погубни политики. Политичката иднина и кариера на Мицкоски е во прашање ако излезе на избори, но јасно е дека тој што губи – си оди, рече вчера Заев.

Тој уште еднаш нагласи дека државата мора да ја искористи првата можност за избори поради евентуалниот втор корона-пик. Во такви, услови, напомена, на земјава и е потребно функционално Собрание. Сепак, последниот збор за можниот термин за избори ќе го дадат надлежните здравствени институции и комисии. Ако тие оценат дека нема услови за избори, нема да има избори, затоа што нема ништо поважно од здравјето на граѓаните.

-Треба будно да се следи како одминува кризата, добро е што бројките паѓаат, а со самото тоа да се зграпчи првата можност за избори, зошто не знаеме дали ќе има втора можност. Ставовите на светската здравствена фела се дека е можно повторно враќање на короната на есен. Ако се случи тоа, ние ќе влеземе во апсолутно пробивање на сите можни уставни рокови, околу мандатот на пренесените надлежности од граѓаните на политичарите. Очекувам низ дијалог да ги потврдиме работите околу изборите. Сите треба да знаат дека состојбата ќе биде тешка, пред се на економски план и затоа се потребни кредибилни институции, кои ќе носат храбри, но и одговорни одлуки, за да им излезат во пресрет на граѓаните, работниците и фирмите, посочи Заев.

Мицкоски уште еднаш повтори дека изборите не се во првите три проиритети на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, најпрво треба да се согледаат последиците од корона-кризата врз економијата, а дури потоа да се направат проекти со кои ќе се излезе на избори пред граѓаните.

-Прв приоритет ни е како конечно пандемијата целосно да остане позади нас, втор да ја застанеме на нозе економијата и трет да ја повратиме изгубената самодовреба помеѓу македонските граѓани. Ниту мене лично, ниту на ВМРО-ДПМНЕ ни треба власт по цена на човечки животи. Прво да ги санираме последиците од пандемијата, а потоа да одиме на избори. Ние сме политичка партија која кога нешто ќе вети сака и да го испорача, а за да ветиме мора да имаме вистински бројки со какви последици ќе се соочи македонската економија. Не е прашањето дали на избори ќе излеземе со маски и ракавици, прашањето е дали можеме да спасиме некој човечки живот повеќе ако изборите се случат неколку месеци подоцна и кога ќе излеземе пред граѓаните што ќе ветуваме и да знаеме дека тоа што ќе го ветиме ќе го испорачам. Но, има политичари кои сакаат да го ублажат поразот на следните парламентарни избори кога и тие да се случат и со тоа не водат сметка за здравјето на граѓаните и за економијата, потенцира Мицкоски.

За тоа, како понатаму ќе се функционира без избори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ очекува договор на лидерската средба кај претседателот Пендаровски, најавена за следната недела. Вели дека се консултирал со правници и има законски можности да се најде решение.

Вчера и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска го искажа партискиот став – дека СДСМ е за избори во најбрз можен рок, зашто не сака државата да влезе во вториот бран на можната корона-епидемија наесен без функционално Собрание.

– Врвна одговорност е државата да обезбеди целосно функционирање на институциите и да се подготви за вториот бран на епидемијата. Веднаш штом ќе се создадат услови, штом епидемијата ќе даде шанса да организираме избори, тоа треба да го направиме. Одлуката ќе ја носиме низ консултации. Не сакаме државата да влезе и во вториот бран на можната епидемија во втората половина на годината без Собрание и без целосно функционални институции во полн капацитет. Затоа сметаме дека се неопходни избори. Во моментов, целиот свет се справува со последиците од КОВИД-19 и се подготвува не само за овој прв бран што беше во тек, туку и за втората фаза на епидемијата која сите ја очекуваат во втората половина на годината. Несериозно е како држава и ние тоа да не го правиме. Во моментов имаме вонредна состојба и Собрание што е распуштено, изјави Шекеринска.

Таа изрази и чудење како во само во шест дена, ВМРО-ДПМНЕ излезе со два сосема спротивни става по вонредната состојба. -Навистина се чудам на политичките партии кои многу зборуваа за избори, а бегаат од избори и од каква било најава да дискутираме на оваа тема, рече Шекеринска.

Уставниот суд утре ќе одлучува дали ќе има постапка за распуштање на Собранието и распишување на изборите, односно ќе ја оценува уставноста на одлуката за распуштање на Собранието донесена на 16 февруари.

Како што изјави за МИА претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, минатиот четврток (30 април), од страна на судијата Осман Кадриу е доставен предлог за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието, поради што закажал работен состанок на судиите, кој треба да се одржи оваа среда по завршувањето на седницата. Притоа, како што истакнува, понатамошното постапување на Судот по ова прашање ќе зависи од ставот кој би се зазел на овој работен состанок.

На 15 април Судот ја разгледуваше Одлуката за распуштање на Собранието од 16 февруари, но не поведе постапка. Судиите констатираа дека од формален аспект, Уставот не бил прекршен бидејќи пратениците имаат право да го вратат мандатот. Новата иницијатива би се концентрирала на суштината – Парламентот се распушти за да се избере нов парламентарен состав на избори, а тоа не се случи.