Моето дете не доби книги, доби партал. Еден час лепам страници за да биде читливо, но залудно, скинати се на повеќе места, се жали скопјанка, мајка на дете кое од септември започнува со предметна настава, во шесто одделение.

Таа го изјави ова во истражувањето на порталот Курир во врска со учебниците кои ги користат децата во Македонија.

Таа, пишува Курир во истражувањето, ни испрати фотографии од учебниците кои нејзиното дете ги добило во училиште. Вели дека му ги дале во кеса, па таму не ги отворил. Шокот го доживеале кога дома отвориле да ги видат книгите.

-Срамота и не знам кој друг збор би го кажала. Не дека мора нови книги од печатница да ни даваат, ама да бараат од нас да сме благодарни што книгите се бесплатни, а ни даваат партали, навистина е срамота. Ако некој има за цел да го уништи образованието во Македонија, со ова е на добар пат, вели мајката.

По нејзината пријава, стапивме во контакт и со други мајки, од други училишта.

Мајка на седмооделенец во училиште во Центар се соочила со уште поголем проблем од скинати страници. Во книгите кои ги добило нејзиното дете фалеле цели теми.

-Делови од учебникот се откорнати, фалат цели теми и тоа никој во училиште не го забележал. Исто како и лани, така и оваа година, книгите ќе ги испринтам во фотокопирница и детето од скрипти ќе учи. Книгиве што ги добиваме се за во канта само. Вината ја гледам пред се во децата кои добиваат учебници и ги кинат, ги шараат, но секако и во училиштата треба да се прави контрола некаква. На врвот виновници, властите кои се фалат дека за децата обезбедуваат бесплатни учебници. Ова не се учебници од кои може да се учи, вели скопјанката.

Третиот наш соговорник е татко на дете кое во септември започнува со осмо одделение. И нивните учебници се распарталени, скинати, едноставно од нив, велат, не може тековно да се учи.

-Кога сум бил дете и јас да сум добиел вакви книги, никаква желба за учење нема да имам. Вчера ги донесе син ми книгите, катастрофа. Ќе се распрашам каде се продаваат и ќе му ги купам. Значи да знаете, не сум единствен што ќе купува затоа што добивме партали. Нема за секого бесплатни учебници, ова што го добивме е неупотребливо. Една тема има, друга измешана искината, трета тема откорната. Па Јово на ново, вели таткото.

КУРИР во продолжение ги објавува фотографиите кои ни беа испратени од родителите со кои стапивме во контакт: