Во пасошката мафија, има сомнежи во Софија, дека е вмешан и вицепремиерот на бугарската влада, министер за одбрана и лидер на бугарското ВМРО, Красимир Каракачанов

Обвинителството во Софија неколку дена ја чешла Државната агенција за Бугари во странство, која се сомничи дека продавала лажни потврди за бугарско потекло на државјани надвор од ЕУ, врз основа на кои подоцна добивале бугарско државјанство и бугарски пасош.

Според податоците на бугарските власти, до сега биле издадени 153.000 пасоши, а 38.000 биле во процедура. Најголем интерес за добивање бугарски пасош имало во Македонија, од каде само лани биле поднесени дури 10.000 барања за добивање потврда за бугарско потекло. Одма после Македонија, како што пишуваат српски медиуми, се наоѓа Србија, а потоа Украина, Молдавија, Албанија и Русија.

Според неофицијални информации во бугарските медиуми, челниците на Агенцијата за Бугари во странство наплатувале по 5.000 евра за една потврда за бугарско потекло, а обвинителството во Софија потврди дека од таму неделно издавале по 40 такви потврди.

Кај нас во Македонија, пак, се говори за многу пониски цени. Целата процедура за добивање бугарски пасош чини од 350 до 500 евра во зависност од посредникот преку кој се вади. Ова може да се види и на огласи со кои се нуди оваа услуга.

Каракачанов земал од 550 до 1.500 евра

Има сомнежи во Софија дека во пасошката мафија е вмешан и потпретседателот на бугарската влада, министер за одбрана и лидер на бугарското ВМРО, Красимир Каракачанов. Вакво обвинение изнесе бугарскиот пратеник Велизар Енчев, цитирајќи наводи на поранешната директорка на Агенцијата, Катја Матева, која тврдела дека на Каракачанов главниот извор за финансирање на партијата му била продажбата на бугарски државјанства на Македонците.

– Под раководство на партијата на Каракачанов услугата за продажба на бугарски пасоши на Македонци се вршела преку две канцеларии за превод и легализација и канлецалрии на двајца адвокати. Лидерот на бугарското ВМРО земал од 550 до 1.500 евра од секој македонски граѓанин за да стане Бугарин и за тоа има факти, цитира пратеникот Енчев.

Некои медиуми деновиве пренесоа дека водителот на бугарската телевизија бТВ пред Красимир Каракачанов ги прочитал наводите на Митева, директорката на Агенцијата, доставени до Државната агенција за национална безбедност на Бугарија (ДАНС).

– Основниот извор на пари на ВМРО под претседателство на Каракачанов е продажба на бугарски пасоши на Македонците преку две фирми за превод и легализација на Петар Колев, канцеларија во Трговскиот дом, и на Ванчо Наќев преку канцеларија во хотелот Рила, под раководство на адвокатите Росен Иванов и Христо Христов, цитира водителот на бугарската бТВ.

Стипендии за „Бугарите во Македонија“

Каракачанов во интервју негираше дека неговата партија ВМРО се финансирала со издавање бугарски државјанства на Македонци.

– Тука има многу условни обвинувања дека таа канцеларија или некоја друга што е спомената се занимавала со тоа. Кој докажал дека тие канцеларии и споменатите личности се занимавале со тоа? Има ли докази, рече Каракачанов.

Тој потсети на времето кога министер за иселеништво беше Божидар Димитров, кој ја застапувал тезата дека секој Македонец кој ќе побара бугарско државјанство треба и да го добие. А за својата партија ВМРО, Каракачанов тврди дека, следејќи ја бугарската кауза, со години им помага на „Бугарите во Македонија“ со стипендии, културни и други манифестации и со друг вид помош.

Во корупциската афера околу издавањето потврди за бугарско потекло на државјани надвор од ЕУ, уапсени се повеќе лица. Меѓу нив е и директорот на Државната агенција за Бугари во странство, Петар Харалампиев, кого бугарските медиуми го поврзуваат со партијата ВМРО на Каракачанов.

– Станува збор за организирана криминална група која се занимавала со подготовка на документи, измами и мито. Моментално станува збор за група од 20 лица, кои се задржани, а од кои најголем број биле вработени во Државната агенција за Бугари во странство, изјави Иван Гешев, заменик јавен обвинител на Бугарија.

Итно се менува законот за добивање пасош

Министерката за правда на Бугарија, Цецка Цачева, најави дека до крајот на годината ќе има промени во Законот за издавање бугарски државјанства. Причината, како што рече Цачева, е со цел да се избегнат идни малверзации  – односно издавање бугарски пасоши за странци

– Работната група има за задача да предложи промени на законот за бугарско државјанство во две насоки. Првата е при добивање бугарско државјанство по потекло, каде што треба да се прецизираат ставките од членот 15 од законот, а втората се однесува на можноста да се добие бугарско државјанство преку натурализација, преку така наречените инвестиции, рече Цачева.