По повод одржувањето на 50-тото издание на фестивалот „Златно Славејче“, претседателот Стево Пендаровски, како покровител на фестивалот упати порака по повод овој значаен јубилеј, посакувајќи им успех на сите учесници.

-Веќе половина век фестивалот „Златно славејче“ е  дел од музичката лектира на најмладите. Илјадници песни за деца беа промовирани на изданијата на фестивалот, а за многу наши музички ѕвезди значеше и почеток на музичката кариера. Хитовите компонирани и отпеани на „Златно славејче“ се популарни до денес, а многу од возрасните ги паметет уште од своите детски денови, наведува Пендаровски во честитката.

Во неа додава дека пандемијата на КОВИД-19 која ги зафаќа сите сфери на нашето живеење и сите сектори во општеството, влијаеше и на одржувањето на фестивалот, која е најстара и најомилена музичка манифестација за деца кај нас, со која растеа многу генерации.

-Иако годинава програмата е изменета и скратена, ме радува што фестивалот не потклекна и оваа година „Златно Славејче“ се одржува на отворено, во согласност со здравствените протоколи за заштита од ширењето на коронавирусот, вели претседателот Пендаровски.

Како покровител на „Златно Славејче“, посочува дека, ќе продолжи да дава поддршка за развој на креативноста и талентот на најмладите.

-Негувајќи ги овие вредности, истакнува, децата ќе израснат во квалитетни поединци со коишто како држава ќе се гордееме. Ви посакувам успешно издание на фестивалот, многу хитови и одлични настапи.

Во честитката го честита 50-годишниот јубилеј и посакува фестивалот да живее уште многу децении“.

Првото издание на фестивалот „Златно славејче“ се одржал на 23 мај 1970 година, во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје. Оттогаш традиционално, веќе 50 години се одржува во рамки на одбележувањето на ослободувањето на градот Скопје, 13-ти ноември.

Во рамките на фестивалот е постојаниот хор, „Златно славејче“, што ги придружува пејачите на сцената. Традиционално, првиот ден од секое издание на фестивалот има хуманитарен карактер и е наменет за децата со попреченост. На „Златно славејче“ не се доделуваат награди за учесниците, бидејќи овој фестивал нема натпреварувачки карактер.