Јас немам никакви комуникации со рускиот амбасадор во нашата земја, а Русија има 500 милијарди долари резерви и може да издржи тотална војна со Украина цели две години. Ситуацијата се компликува, а целта на руските сили е да падне Киев за да почнат преговори.

Ова го изјави претседателот Стево Пендаровски кој беше гостин во денешниот Утрински брифинг.

– Ние сме членки на НАТО, а индикативно ми е што состанокот на ЕУ траел долго, а состанокот на НАТО траеше точно 60 минути, говореа сите и заклучокот беше еден: Русија е агресор. Во однос на санкциите, тоа се главно финансиски санкции и не верувам дека ќе имаат поголем ефект. Голем дел од операциите во Украина се финансирани и со биткоини а тоа не може да се сопре, вели Пендаровски.

Тој додава дека Руската Федерација има 500 милијарди долари резерви и може да издржи тотална војна со Украина цели две години и дека според разузнавачки информации, предупредувањата дека претседателот Владимир Путин ќе влезе во Украина се од пред пет месеци.

– Немам никакви комуникации со рускиот амбасадор, а веројатно нема ни Владата, но бидејќи како членка на НАТО се приклучивме кон санкциите и очекувам реципрочна мерка. Во политичкиот дел исто така очекувам мерки, бидејќи односите не ни се добри веќе две години. Во однос на безбедносните консеквенци ако Путин ја освои Украина, на Западен Балкан најранливата точка е Бањалука, вели Пендаровски.

Во Македонија има забележителен број луѓе кои негуваат пријателски чувства кон Русија, но има и луѓе кои имаат симпатии кон Путин.

– Во Македонија ќе се случува збивање на редовите пред она што се оценува како заедничка опасност и ризик, исто како што има во НАТО и ЕУ. Оти ова е нецивилизирано однесување. Нема никакво оправдување за ова што го прави Путин и вели дека Украина има профашистички режим, а притоа е предводена од еден Евреин. Неспорно е дека македонскиот народ има симпатии кон Русија поради религијата, јазиците и словенскиот етникум. Она што мене ме загрижува е дека во политичка смисла етничките Македонци се вртат кон политичките ставови на Русија. Особено загрижувачки е што над 40 отсто од јавноста смета дека алтернатива на ЕУ е Евроазиска унија, а некои од партиите се предоминантно за оваа опција што може да направи проблем околу идните процеси, вели Пендаровски.

Тој додава дека нема сомнеж во западната политичка ориентација на политичките партии. Но, кај граѓаните бројките велат друго.

– Голема политичка штета прави тоа што нашите западни партнери по промената на името не ги започнаа преговорите со Македонија. Оти како да им се објасни на граѓаните неисполнувањето на вториот дел од референдумското прашање, прашува Пендаровски.

Пендаровски вели дека Бугарија е побитен стратешки партер за НАТО од Македонија и евентуално може да дојде до омекнување на нивниот став по завршувањето на украинската криза.

– На вчерашниот Совет за безбедност се разговараше не само за безбедносните аспекти, туку и за аспектите кои се битни за живот во државата. Проценките се однесуваат на реалните факти изнесени од премиерот. Ние сме пополнети во стоковите резерви. Проблем ќе биде ако ова со Украина потрае подолго. Тогаш ќе треба да правиме интервентни увози. Србија донесе одлука да не прави извоз на животно битни ресурси. На берзите се качија цените не само на нафтата туку и на житото, вели Пендаровски.