Во годишното обраќање пред пратениците претседателот Стево Пендаровски истакна дека суштинскиот и реалниот одговор зошто и помагаме толку на Украина е затоа што низ историјата сме страдале од поголемите народи околу нас, кои во некои историски периоди спроведувале деструктивни стратегии кон македонскиот народ, во опсег од наше идентитетско обезличување, па се до наша физичка елиминација.

-Ние сме меѓу првите пет држави-членки на Алијансата според односот меѓу бруто домашниот производ и воената и материјално-техничката помош што ѝ ја даваме на Украина во овој критичен период. Некои сосема легитимно го поставуваат прашањето, зошто имплементираме таква политика. Формалниот одговор би бил: тоа го правиме затоа што имаме обврска како членка на НАТО, каде што важи принципот на солидарност, и затоа што веруваме во Повелбата на Обединетите нации која не дозволува воена агресија на една своја земја-членка врз друга, рече Пендаровски.

Нашето членство во НАТО, како што вели шефот на државата, не е гаранција дека повеќе нема да се соочуваме со безбедносни закани и предизвици, бидејќи со нив се соочува секоја држава во светот.

-Меѓутоа, членството е гаранција дека на предизвиците повеќе не им гледаме самите во очи, со нас се 30  држави, 30 демократии, 30 моќни армии, 30 наши пријатели, и во добри и во лоши времиња, рече тој во годишното обраќање.

Зборувајќи за актуелниот светски конфликт во моментов, меѓу Израел и Хамас, посочи дека нашиот политички став е јасен и тоа го демонстрираме во сите гласања досега во Обединетите нации.

-Првиот елемент на таа позиција е дека Хамас е терористичка организација и верувам дека е дојдено време, ние тоа како држава да го потврдиме и со формална одлука. Второ, Израел,  според сите меѓународни акти има право на самоодбрана, трето, според истите тие меѓународни документи, мора да води сметка не за терористите на Хамас, туку, за човековите права на Палестинците. Во таа смисла, израелската армија мора да употребува пропорционална употреба на смртоносна сила, и без остаток да ги штити животите на цивилите, жените и децата, рече Пендаровски.

Она што е најважно од аспект на нашите национални интереси, смета тој, потребно е внимателно и одговорно постапување на сите политички субјекти за тој судир да не ги продлабочи поделбите во нашето мултиетничко, но, и мултирелигиозно општество.

-За жал, почетните ефекти од таквиот говор на омраза се веќе видливи на социјалните мрежи кај нас, вели Пендаровски.

Ова е последен годишен говор на претседателот Пендаровски, кому му завршува мандатот, а се уште не се изјаснува дали ќе се кандидира повторно.

-Во демократијата не постои политичар за кого нема и добри и лоши критики. И јас во мојот мандат сум бил и поддржуван и критикуван за одредени одлуки кои сум ги носел. Некогаш за моите јавно искажани ставови сум бил критикуван и од дел од оние кои ме поддржаа при изборот, на пример, за аферата „Рекет“, при ставањето вето на Законот за илегални градби или при покачувањето на функционерските плати. Но, секогаш во прв план ми биле интересите на граѓаните и на државата, пред нив секогаш сум бил транспарентен и од одговорност никогаш не сум избегал, рече Пендаровски.

За себе вели дека не бил безгрешен, како и дека никогаш немал лоша намера кон никого, никогаш во неговиот мандат не учествувал во валкани кампањи против политичките опоненти, иако од нив не бил поштеден, ниту тој, ниту семејството, никогаш не договарал тендери и провизии, не вработувал роднини и пријатели и никогаш за себе или за најблиските нема побарано посебен третман.

Фото: МИА Архива