Клучниот проблем на земјите од Западен Балкан е бавно приспособување кон стандардите на Европската унија, вели Александар Влаховиќ, претседател на Сојузот на економисти на Србија.
Просечниот БДП на земјите во регионот изнесува само една четвртина од најбогатите земји во Европа и во најоптимистичкото сценарио, на пример Србија дури во 2053 година ќе го достигне просекот на земјите-членки на Унијата.
-Темпото на конвергенција значително забави по глобалната финансиска криза, и ако поиграме малку и направиме проекција кога можеме да очекуваме целосна конвергенција на Западен Балкан со просекот на ЕУ, ќе заклучиме дека во оптимистичкото сценарио ќе ја достигнеме ЕУ во 2053 година, во песимистичкото сценарио ќе ни требаат два века, а некое бејз лајн сценарио вели дека ќе ни требаат 60 години, смета Влаховиќ.
Тој вели дека овие проекции се базираат на просечните стапки на раст на земјата од ЕУ и Западен Балкан, пред и по економската криза, во периодот 2001-2017.
-Ова е само една проекција врз основа на многу лимитирани импути, од суштинско значење е колку и со која брзина земјите од Западен Балкан ќе го постигнат просечниот стандард по глава на жител во ЕУ, зависи од тоа колку земјите во регионот се подготвени да ги отстранат бариерите за развој на приватниот сектор, вели Влаховиќ.
–Тоа е суштината на целата приказна, како да се поттикнат приватни инвестиции, а не само странски, туку и домашни, вели тој.
Нивото на БДП е највисоко во Црна Гора, а најниско во Косово, вели Влаховиќ и потсетува дека економскиот раст на Балканот минатата година забавил, и бил понизок поради малиот раст во Србија и „непостоечки раст” во Македонија.
-Причината за тоа се неповолните климатски услови и намалување на нивото на инвестиции во целиот регион, како и политичката нестабилност во Македонија, оценува Влаховиќ, додавајќи дека речиси сите земји во регионот го намалиле вкупниот долг, а тоа, вели тој, особено се однесува на Србија, Албанија и Босна и Херцеговина.
Еден од најголемите проблеми во регионот, Влаховиќ вели е високата стапка на невработеност меѓу младите, што е една од причините за нивно заминување во страснство.
-Создавањето на нови работни места е значително забавено во втората половина на 2017 година, вкупно има 1,24 милиони невработени низ целиот регион. Загрижува стапката на невработеност на младите, која е над 50 проценти во БиХ, Косово и Македонија, а најниската во Албанија од 26 отсто, додека Црна Гора и Србија имаат стапка на невработеност на младите од 30 отсто, предупредува Влаховиќ.