(Индекс.хр)

Дали Доналд Трамп се враќа? Ќе се осмели ли некој во Русија да го предизвика Владимир Путин?

Следната година половина од светот ќе излезе на избори, вклучително и триесет земји кои ќе избираат претседател. Ова се пет избори на кои треба да се посвети внимание:

Реприза Трамп-Бајден

Десетици милиони Американци во ноември ќе гласаат за 60. претседател на САД, а според сите проценки, повторно ќе се соочат сегашниот претседател Џо Бајден и поранешниот Доналд Трамп.

Доколку победи, Бајден ќе ја извршува функцијата претседател до 86 години. Анкетите покажуваат дека повеќето гласачи мислат дека тој е премногу стар за да биде врховен командант, иако Трамп е само четири години помлад. Се чини дека дезинформациите ќе бидат белег на кампањата и потсетување на последните избори, кога поддржувачите на Трамп упаднаа во американскиот Капитол, обидувајќи се да ја спречат потврдата за победата на Бајден.

Пред реваншот со Бајден, Трамп мора да ја добие номинацијата на Републиканската партија и во таа трка тој е фаворит и покрај неколкуте судски процеси кои му висат над главата.

Уште шест години Путин на чело на Русија?

Владимир Путин е лидер на Русија во последните 23 години, а во 2020 го измени уставот за да може да остане на власт до 2036 година, што би значело дека може да владее подолго од Сталин.

Имајќи предвид дека тој ја искористи војната во Украина за да ги притвори и замолчи противниците, мали се шансите некој да му застане на патот до нов шестгодишен мандат. Иако се уште не се објавил, сите очекуваат да се кандидира.

Неговиот поранешен противкандидат Алексеј Навални отслужува 19-годишна затворска казна, а кандидатура најави воениот ветеран и националистички блогер Игор Гиркин, но и тој е затворен, и тоа на неопределено време.

Европски испит за популистите

Повеќе од 400 милиони гласачи од 27 земји на ЕУ во јуни ќе изберат 720 членови на Европскиот парламент. Десничарските кандидати беа охрабрени од победите на евроскептикот Герт Вилдерс на изборите во Холандија и минатогодишниот триумф на италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Поздравувајќи ја победата на Вилдерс, францускиот европратеник од екстремната десница Жордан Бардела на Фејсбук напиша: „Дајте ни го тој јуни 2014 година“.

Избори во Индија

Речиси една милијарда Индијци ќе гласаат во април и мај на изборите на кои премиерот Нарендра Моди и неговата националистичка партија БЈП бараат трет мандат.

Политичката кариера и успехот на Моди се засноваат на поддршката на индиските Хиндуси и, велат критичарите, поттикнувањето непријателство кон големото муслиманско малцинство во земјата. И покрај сузбивањето на граѓанските слободи, Моди влегува на изборите како јасен фаворит, а неговите поддржувачи му ги припишуваат заслугите за зајакнување на позицијата на Индија на глобалната сцена.

Во август, Индија стана четвртата земја која спуштила беспилотно вселенско летало на Месечината, по Русија, САД и Кина, а планира да испрати и човек на Месечината до 2040 година.

Мексико може да ја добие првата жена претседател

Поранешната градоначалничка на Мексико Сити, Клаудија Шејнбаум, се кандидираше во име на партијата Морена на актуелниот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, кој нема право на нов мандат.

Нејзината ривалка, Ксочитл Галвез, беше избрана да ја претставува опозициската коалиција Широк фронт за Мексико. Ако една од нив победи, таа ќе стане првата жена претседател на земја со традиција на мачизам.

Во претседателската трка неодамна се вклучи и младиот гувернер на државата Нуево Леон, Самуел Гарсија.

Но, анкетите покажуваат дека Шајнбаум е фаворит.

Фото: принтскрин Индекс.