Генијалец е мал збор за малиот Петар Кукунеш од Струга. Има само пет години, а тој е чудо од дете. Ги знае сите држави во светот, покраини, нивните знамиња, главните градови…, одлично зборува англиски, а ги знае и јазиците на соседите и од државите на поранешна Југословија. Но тука не застанува, Петар знае дури и кинески, јапонски, турски и уште многу други јазици во светот. Омилена земја му е Русија, а омилен град Санкт Петербург, бидејќи го има неговото име. Сака да живее во Санкт Петербург, но сака да биде и Црногорец бидејќи, како што ни откри, сака многу да лежи и да спие. Омилен пијалак му е сок од јаболко.

Сака географија, а кога ќе порасне сака да биде научник

Петар е како сите други дечиња, има омилени цртани, омилени игри, но најмногу време поминува на каналите од типот Национална географија. Забележа дека неговите другарчиња не ги сакаат државите, туку го сакаат Спајдермен, ама нему му е досаден. Кога ќе порасне, сака да биде научник.

-Јас знам географија. Ги знам сите држави. Има седум континенти, Европа, Австралија, Северна и Јужна Америка, Азија, Африка и Антарктик, ни кажува Петар, кој почна да раскажува специфики на сите континенти.

Уште малку ќе наполни шест години, а неговата роденденска торта сака да биде со национална географија. Петтиот роденден овој мал, а голем генијалец го прославил во знакот на знамињата на државите во светот.

-Ние живееме на планетата Земја, а на другите планети Меркур, Венера, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран, Нептун нема живот, а се пошегува дека таму има зомби, појаснувајќи и дека Плутон е џуџеста планета.

Со родителите сака да ја посети најголемата црква „Свети Петар“ во Рим или, како што ни појасни во Ватикан, а кога го прашавме за тоа каде се наоѓа црквата „Свети Петар“, на шега ни рече во Калишта.

Петар чита цели реченици, а не како почетник

Неговиот татко Никола Кукунеш ни откри дека до три години малиот генијалец не зборувал ништо, освен основните зборчиња, како мама, тато… Кога бил помал, покрај цртаните филмови, го привлекувале формите, боите, планетите…

– Кога почна да дава знаци на комуникација ние сфативме дека детето е писмено. Тој читаше цели зборови и реченици, не слогови како почетник. Географија учи сам. Градовите и државите ги знаеше уште на четири години. Дома има голема карта на светот, има два глобуси, географски атласи…  Кога одиме во книжарница да купиме сликовница или боенка, покрај со тоа, Петар излегува и со атлас, географска карта, глобус…, вели Никола.

Петар сака да оди во градинка, ги сака учителките, но утринските будења им биле вистински ритуал. Бидејќи бил тежок за будење, родителите откриле начин како да го станат. Будењето почнувало со гласна музика и омилената негова песна во периодот, па така полека станувал. Имало периоди кога во градинка му било досадно, па во согласност со можностите на родителите го одморале од тие активности, но тој продолжува сам да се едуцира дома.

Викендите резервирани за наука и машка дружба

Викендите се резервирани за машка дружба и едукација. По дневните прошетки, дружби со пријателите и многубројните активности, мама Благовеста и сестричката Евгенија одат заедно на спиење, а тато Никола и Петар остануваат во дневната соба да се дружат, едуцираат и продолжуват заедно да спијат.

Родителите се интересирале да го пуштат порано во училиште, но сепак одлучиле да почне кога ќе дојде календарски време за тоа, па времето, ако покаже потреба за прескокнување класови, тогаш ќе одлучуваат.

Талентот на Петар и неговата интелигенција не застануваат тука. Тој продолжува да проучува и да открива нови нешта, сè што ќе слушне го впива. Ни ја кажа азбуката на кинески јазик, броеше на јапонски, пееше рефрени од песни на овие јазици, но и на турски, хрватски, бугарски…

МИА