-Некои од барањата поврзани со францускиот предлог се многу тешки за прифаќање за Република … Македонија. Но, она што стана јасно е дека тоа веќе не се само барања на Софија, туку тие треба да станат барања на Европа. Односно, ние можевме да ги објасниме причините зошто овие работи што ги сакаме мора да се случат, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков по редовниот состанок на Европскиот совет и на состанокот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, пренесе БНТ.

Петков призна дека имало многу тешки разговори и очекувања дека Бугарија ќе го тргне ветото, но рече дека одлуката за укинување на ветото на Македонија треба да ја донесе бугарскиот парламент.

Додека нема одлука на бугарскиот парламент, јас сам, ниту владата нема да го смениме бугарскиот став. Бугарскиот парламент сега мора да расправа и да одлучи за тезата. Тешка задача ќе биде за Република Македонија, која ќе мора да ги прифати нашите барања за да продолжи напред – рече бугарскиот премиер во оставка.