Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се сретна со пензионираниот генерал на британската армија и член на „Охридската група“, сер Берни Вајт-Спунер, со кого разговараше за европската перспектива на регионот и за новата безбедносна реалност на европскиот континент.

Петровска порача дека имајќи ја предвид новата безбедносна реалност, европската интеграција е потребна повеќе од кога било и оти пример за тоа како интеграцијата во европските и евроатлантските структури влијае на зацврстување на безбедноста е членството на Македонија во НАТО.

– С. Македонија во НАТО е гарант на безбедноста и стабилноста не само на земјата, туку и на целиот регион. Интеграцијата во ЕУ ќе има силен позитивен ефект и на безбедноста, но и на просперитетот на сите наши граѓани, изјави министерката Петровска.

Како што соопшти МО, таа се заблагодари за поддршката на сите истакнати членови на „Охридската група“ за сета досегашна поддршка на евроатлантскиот и европскиот интегративен пат на Македонија.

Вајт-Спунер е дел од „Охридската група“ на истакнати државници и дипломати, предводена од Лордот Џорџ Робертсон. Групата е формирана во 2018-тата година, со цел поддршка на патот на нашата земја кон НАТО и Европската Унија.