Фондот за криминални иновации е ставен во полн погон, а скандалите со овој фонд во време на власта на Заев се секојдневие, се истакнува во денешната реакција од ВМРО-ДПМНЕ.

– Најголемиот дел од грантовите за поддршка на проекти се доделуваат на апсурдни проекти или пак на лица блиски до власта, што е само потврда дека се работи за матни зделки кои имаат за цел да полнат нечии џебови, а не да се поддржува иновативноста. Така за Коста Петров и СДСМ иновативност е да се поддржи со 40.000 евра рецепт за пица, рецепт стар со векови. Дека се претворени во фонд за кулинарство говори и фактото што даваат народни пари и за поддршка на рецепти за маџун. Бесрамно и аздисано, се вели во реакцијата.

Иновативно за Коста Петров, се додава во соопштението, е со 35.000 евра да се поддржи купување на дрон.

– Иновативност за власта е да се дадат пари на проекти зад кои стојат Рубинчо Заревски и Миле Милановиќ, двајцата блиски до СДСМ, за проекти кои светот веќе ги видел и во кои нема апсолутно никаква иновативност. Фондот за иновации може да се преименува во Фонд за иновативен криминал преку кој се испумпуваат народни пари за поддршка на рецепти и купувања дронови или за поддршка на луѓе блиски до власта. За овие случаи, но и за десетиците други изминатите години мора да има одговорност. Не може додека народот осиромашува и не може месецот да го помине, некој со парите на граѓаните така неодговорно да се расфрла, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

И претходните години се дела пари на „снајки“ и лица блиски до власта, а таа практика не е прекината и натаму.

Јавноста во Македонија се уште не го заборавила случајот за иновативноста „тренирање магариња“, кога исто така се делеа пари за апсурдни проекти и на лица блиски до власта.

Тој случај, во кој беше вмешана поранешната пратеничка на СДСМ, Лидија Димова, не е поврзан со Фондот за иновации, но со сличен проект „тренирано магаре“, кој стана синоним за делење и трошење пари за апсурдни проекти на лица блиски до актуелната власт.