Во писмото, пишувано во Охрид на 25 февруари 1845 година, упатено до рускиот научник Виктор Иванович Григорович, кој во прелетта 1845 година патувал низ Македонија со цел да собира „материјали пишани со старото писмо на Македонците“, Димитрија Миладинов го моли рускиот научник да се застапи пред рускиот цар да ја присили Грција да ги врати назад во Охрид моштите на Свети Климент, односно черепот однесен во манастирот Свети Јован Продром кај Бер, однесени за време на пренесувањето на остатоците на Свети Климент од  црквата Свети Пантелејмон во црквата Света Богородица, каде што биле полни четири века по неговата смрт.

Блаже Миневски

Дека Грците не краделе само територија туку се што е поврзано со Македонија, без разлика дали станува збор за таканаречениот антички или словенски период, сведочи бескрупулозната акција за крадење на моштите на Свети Климент од Охрид. Според Димитрија Миладинов тоа се случило четири века по неговата смрт, односно во времето кога Охридската архиепископија била под доминација на грчко-византиски владици, а со манастирите управувале луѓе лојални на патријархот. Подоцна, во 1845 година, Миладинов со жалење констатира дека во прочуениот град Охрид не останало „ништо од стародревности, само светите мошти на Свети Климента, но и тие без светиот череп кое е во Бер“. Како се случила кражбата на моштите на  Свети Килемент?

Ова е черепот на св. Климент кој сега се чува во грчката црква, а за кој пишувал Миладинов

Според проф. д-р Харалампије Поленаковиќ, токму Димитрија Миладинов доста рано покажува интерес за делото на Свети Климент Охридски, а тоа, впрочем, воопшто не е чудно, бидејќи споменот за Свети Климент бил мошне жив и во родниот град на Миладиновци. Дека е така потврдува и фактот што крај езерскиот дел на Струга го носел името Климентица. Од друга страна, учителствувајќи во Охрид, Димитрија Миладинов имал прилики да ја почувствува почитта што охридското население ја покажувало кон заштитникот  на градот, својот свети Климент. Или, како што вели самиот Миладинов, буквално на секој чекор се среќавал со таа почит; во црквата Свети Климент , крај гробот на светителот, пред иконите и фреските, пред дрвениот кип, пред икончињата, во тврдите подврски на книгите –  сето тоа било исполнето со почит за првиот словенски просветител.

Следејќи ги писмените сведоштва на Димитрија Миладинов, проф. д-р Поленаковиќ констатира дека неговото интересирање за Свети Климент директно се потврдува со писмото на Димитрија Миладинов пишувано во Охрид на 25 февруари 1845 година, а упатено до рускиот научник Виктор Иванович Григорович, кој во пролетта 1845 година патувал низ Македонија со цел да собира „материјали пишани со старото писмо на Климент, да го запознае јазикот на населението и да запишува народни умотворби“. Имено, заедно со Димитрија Миладинов, го посетил манастирот Свети Климент, нашол едно Климентово житие, зел некои ситници, а потоа  го посетиле селото Издеглавје, во Долна Дебарца, верувајќи дека тука била некогашната Главеница, едно од местата каде што престојувал Климент, и каде, според пишувањето во Житието што го нашол во Охрид, се наоѓале камени столбови со „натписи во кои се говорело за покрстувањето на Словените“.

Меѓутоа, за жал, како што потврдува и Миладинов, при посетата не нашле такви столбови, па Димитрија во писмото му ветува на рускиот научник дека „напролет ќе појде да ги бара оние камени столбови од некогашната Главеница“.

„СВАЈАТА КАРА ГРЦИ ЈА УКРАДОХА!“

Во продолжение на ова писмо, кое содржи и некои други многу важни работи за историјата на Македонија, Димитрија го моли рускиот научник да се застапи пред власта да се вратат назад во Охрид дел од моштите на Свети Климент, односно „свјатата кара“, односно черепот што го однеле специјално обучени калуѓери од манастирот Свети Јован Продром кај Бер.

Кражбата е извршена за време на пренесувањето на  моштите на Свети Климент од црквата Свети Пантелејмон во црквата Света Богородица, денешна Свети Климент.  „Операцијата“ се случила во времето кога црквата Свети Пантелејмон била претворена во џамија. Денес на тоа место, на Плаошник, врз темелите на старата црква Свети Пантелејмон, каде што бил погребан свети Климент, е изградени новата црква Свети Климент, каде пшто се пренесени дел од неговите зачувани мошти, но тоа е само ситница во однос на она што поседуваат Грците.

Затоа Димитрија Миладинов уште пред повеќе од 170 години  го моли Виктор Григорович да се зазема кај рускиот цар да се врати главниот дел од моштите, односно „свјатата кара“, светиот череп на  Климент во Охрид, во црквата каде што биле „полни четири века по неговата смрт“.

Дека Димитрија Миладинов бил  многу загрижен за кражбата на светите мошти на Климент, но и упорен да ги врати назад во Охрид, зборува и фактот што петнаесеттина години подоцна, мислејќи како да ја врати „свајата кара“ од Бер, објавува дописка во Цариградски весник:

„Во прочутиот град Охрид“, пишува Миладинов, “не остана нишчо од великиолепие и од стародревности, само свјатите мошти од свјатога Климента – и тије, без свјатата кара на која стоит златоткаено и бисер, и која у Верија (Бер) Грци ја украдоха и ја држат денеска во обителот свјатога Јоана Продрома –  два кодика од архиепископските први јустинијански и гробот од свјатога Климента со една скршена плоча и манастир церква митрополитска на лево влегваешчи во партика…“

Мошне интересен е и податокот  што Димитрија Миладинов го објавува 1860 година во студентското списание „Братски труд“, гласило на македонските и бугарските  студенти во Москва, а се однесува на записот на камената плоча врз гробот на Свети Климент:

„Надгробни негов надпис ушче стоит во соборната црква в Охрид: 27 месец јулија 916 претстави се Климент Охридски“.

МОШТИТЕ ЈА ДЕЛАТ СУДБИНАТА НА МАКЕДОНИЈА

Според записот на протојереј – ставрофор Георги Николовски, кој долго време служел во црквата Свети Климент во Охрид, Светиклиментовите мошти всушност ја делат судбината на Македонија. Имено, по смртта  во 916 година, Свети Климент бил положен во гробот што сам си го приготвил во манастирот што го подигнал и му го посветил на Свети Пантелејмон.

Кога Охрид потпаѓа под турска власт, манастирот Свети Пантелејмон, или како што старите охриѓани го нарекувале Стар Свети Климент, бил претворен во џамија. Сепак Турците им дозволиле на охриѓани светите мошти да ги префрлат во некоја друга охридска црква. Сето тоа било организирано од монасите, но, за жал, двајца од нив успеале да го скријат черепот, а потоа скришум да го однесат во манастирот Свети  Јоан Продрома кај Бер. Остатокот од моштите биле сместени во малата црквичка, таканаречен Мал Свети Климемнт, но охриѓани набрзо издејствувале од турските власти моштите да бидат пренесени во некој храм од повисок ранг, па им било дозволено да ги префрлат во црквата Свети Богородица Перивлепта.

По овој чин црквата го добила денешното име Свети Климент, а името Света Богородица Перивлепта фигурира само во некои стари извори и литература од тоа време. Откако биле пренесени во оваа црква, моштите биле погребани во нартексот, но подоцна, во 19 век повторно биле откопани и сместени во сребрена кутија украсена со орнаменти. Кутијата со ситните остатоци од моштите, без черепот, се разбира, била ставена во изрезбен ореов саркофаг, во кој, на десната страна пред иконостасот,  почивале се до 1 септември 1952 година. За жал, во 1952 година, како што сведочи протојереј – ставрофор Николовски, власта носи решение црквата Свети Климент да ја претвори во музеј, па  тој, како последен свештеник во црквата каде што се чувале Светите мошти, бил известен дека црквата станува музеј, но моштите може да останат во црквата:

„Без да прашам никого, во отсуство на претставник на Музејот, ја зедов кутијката со Светите мошти, ја покрив со чаршаф, и скришиум, под пазува, по споредни сокачиња, ги однесов привремено во црквата Свети Никола Геракомија, оставајќи ги на Светиот престол. Подоцна го размонтиравме и саркофагот, и пак скришум го однесовме во истата црква и ги сместивме моштите во него. Во таа црква останаа до 22 септември 1991 година, кога со враќањето на црквата Свети Климент на МПЦ и моштите повторно беа вратени во неа“, забележал во своите спомени Николовски.

Десеттина години подоцна, кога беше изградена, односно обновени или, поточно реконструирана неговата црква на Плаошник, моштите на Свети Климент беа пренесени во неа, и сега остатокот од нив  е  таму, на Плаошник, но черепот, или „сјатата кара“, како што вели Димитрија Миладинов, се уште е во Грција. Дали Македонија некогаш барала оваа своја скапоцена „свјата кара“ на кој „стоит златоткаено и бисер“ да се врати во Охрид, нема податоци, но факт е дека, на пример, Грците им  ја позајмија украдената „свјата кара“ на Бугарите за изложба, и потоа, по престојот во Софија, веднаш беше вратена во Грција, односно во манастирот Свети Јоан Продром кај Бер каде што се чува близу седум века.