На плоштадот „Македонија“ околу 1.000 матуранти учествуваа на традиционалната манифестација „Матурска парада 2019“, каде го одиграа квадрилот.

Освен во Скопје, парадата на матуранти се одржа и во Охрид, Струга, Гевгелија, Струмица и Валандово.

Организаторот на настанот Никола Глигоров од Дирекција за култура и уметност посочи дека е задоволен од овогодинешната организација.

– Задоволен сум што и оваа година по 13-ти пат успеавме да ја одржиме оваа манифестација. Интересот кај матурантите од година во година расне. Веќе стана препознатлива манифестација. Се спроведува во околу 60-70 градови од Југоисточна Европа, наведе Глигоров.

Посочи дека подготовките за „Матурска парада 2019“ се спроведувале во текот на второто полугодие.

Манифестацијата „Матурска парада 2019“ е поддржана од Град Скопје, Агенцијата за млади и спорт и Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

Парадата на матурантите почна да се организира во 2001 година во Љубљана, а во државава првпат се одржа во 2007 година во Скопје и во Охрид.