Заменик министерот за здравство Асим Муса денеска објави дека се повлекува од функцијата откако во медиумите беше објавена видео снимка на која се гледа како тој прима пари од пациент од Албанија за хируршка интервенција.

– Донесов одлука да се повлечам од функцијата заменик-министер за здравство и да ја расчистам оваа импонирана дамка, стапица, против мене лично и мојата професија, истакна Муса на прес-конференција во Владата.

Тој истакна дека неговиот искрен обид да им помогне на пациентите се претворил во стапица за непостоечки спектакл за медиумите, се со цел, како што рече, да биде уништена неговата професионална фигура.

–  Во постојаните барања на пациентот за кого станува збор јас го информирам дека интервенцијата за странски пацинети кои не се осигурани во нашата држава е приватна и го информирам кој е можниот износ за интервенцијата, на негово прашање колку би чинело по пакети. Токму овие пациенти постојано се обидуваат да приредат стапица против мене во која било форма, нагласи Муса.

Посочи оти нема да дозволи да биде нарушен неговиот кредибилитет со намерни стапици.

– Нема да дозволам овие цели 23 години инвестиции во професионалноста и во фамилијарниот кредибилитет да биде нарушен на ваква намерна стапица, со лажни наслови кои не се реални како што може да се види и на самата видео-снимка, рече заменик-министерот за здравство.