Доколку не упати јасен сигнал за почеток на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија, Европската Унија ризикува да го загуби влијанието на Западен Балкан, изјави еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан за австриската агенција АПА.

– Доколку по две одлагања не упатиме јасен сигнал денеска или најдоцна на Советот на ЕУ в четврток, не смееме да се чудиме ако повеќе немаме влијание на Балканот, нагласи Хан, додавајќи дека се надева оти во врска со ова прашање „ќе победи разумот“.

Според него, губењето на влијанието на Балканот не може да биде во интерес на Унијата, бидејќи сепак се работи за регион кој претставува „двор на ЕУ“.

– Многумина зборуваат за делотворност во светската политика, за силна Европа. Меѓутоа, ако не можеме да функционираме во непосредното соседство, нема потреба да поставуваме прашање за глобално делување, смета Хан.

Еврокомесарот смета дека за да обезбеди „проактивно дејствување, а не само реагирање на случувањата“, ЕУ мора да размислува за носење одлуки според мнозинскиот принцип.

– Доколку европските држави сакаат во целина да бидат меѓународен играч, потребно е прво дома да си ги решат прашањата, а дома во конкретниов случај е Балканот, нагласи Хан во изјавата за АПА.