За учество на претстојните избори за членови на Европскиот парламент во Полска, досега се пријавени три изборни листи што во своите називи го содржат зборот „Полегзит“, односно истапување на земјата од ЕУ.
Последна меѓу нив е листата „Изборен комитет ПолЕГЗИТ“, предводена од поранешниот полски европратеник Станислав Жолтек.
– Ние сме „на око“ на Европската комисија, со која раководат Германците и Французите. Тие, исто така, го губат својот национален суверенитет како и ние, но барем тоа го прават под нивна управа, изјави Жолтек, кој е поранешен член на полската евроскпетична и екстремно десничарска партија Конгрес на новата десница (КНП).
Според него, Полјаците „ги сфатиле последиците од членството во ЕУ“, кои, како што тврди, се манифестираат со зголемени сметки за струја предизвикани од трошоците за намалување на емисиите на јаглерод диоксид, со ограничување на конкурентноста на полското земјоделство, како и со притисок врз граѓаните да набавуваат електрични возила.
Покрај, „Изборниот комитет ПолЕГЗИТ“ на Жолтек за учество на евроизборите во полската Националната изборна комисија се пријавени и листите „Полегзит независност“ и „Полегзит? Крајно време е!“.
Носител на листата „Полегзит независност“ е Роберт Бекиевич, поранешен лидер на граѓанското здружение „Марш на независноста“, кое секоја година организира маршови по повод Денот на независноста на Полска – 11 Ноември, на кои вообичаено присуствуваат припадници на европски екстремно десничарски, националистички и неофашистички движења.
Прв на листата „Полегзит? Крајно време е!“, пак, е поранешниот полски европратеник и основач на Конгресот на новата десница (КНП), Јануш Корвин-Мике. За време на неговиот мандат како европратеник во претходниот состав на ЕП, Корвин-Мике се „прослави“ со неговите навредливи изјави на сметка на Исламот, жените и црнците, поради што во неколку наврати му беа изрекувани и казни. Така, во една прилика тој изјави дека „младите невработени луѓе се црнчиштата на Европа“, а за жените оцени дека се „послаби, помали и помалку интелигентни од мажите“, па затоа и треба да заработуваат помалку од нивните машки колеги. Поради ваквите изјави тој беше исклучен од КНП.
Во однос на идејата за „Полегзит“, Корвин-Мике претходно тврдеше дека нема смисла да се работи на истапување на Полска од ЕУ, бидејќи Унијата и онака „ќе се распадне самата“, но сега, според него, напуштањето на блокот станало ургентно со цел да се избегнат обврските од Европскиот зелен договор.
– Во сегашната ситуација, треба да дејствуваме на начин со што ќе ги натераме да не исфрлат од ЕУ што е можно побрзо, рече Корвин-Мике.
Некоја од евроскептичните листи во Полска би можела да добие доволно гласови за да освои места во идниот состав на Европскиот парламент, имајќи предвид дека во земјата, според истражувањата на јавното мислење, расте негативниот став кон ЕУ.
Според анкетата на Институтот ИБРиС, во последниве три години бројот на поддржувачи на ЕУ во Полска се намалил за 11 процентни поени на 53,5 отсто. Во истиот период, стапката на поддржувачи на ЕУ меѓу приврзаниците на владејачкиот блок Граѓанска коалиција (КО) на премиерот Доналд Туск се намалила од 95 на 94 отсто, а меѓу симпатизерите на водечката опозициска партија, националистичката и десно популистичка Право и правда (ПиС) од 47 на 17 проценти.
Фото: МИА Архива