Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска и утре ќе престојува во Тирана каде што ќе се сретне со државниот врв и лидерите на албанските политички парти, но и општествени дејци.

Како што соопшти неговиот Кабинет, тема на разговор на состаноците ќе биде билатералната соработка, европската интеграција, пандемијата и пописот во Република Македонија.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците во изминатите денови беше по посета на Приштина.

Груби, како што се наведува во соопштението, исто така ќе одржи посебни средби со претставниците на сите заедници во нашата земја во текот на неделата во врска со пописот на населението. 

Тој на својот профил на Фејсбук се пофали со успехот што се постигнува на пописот во дијаспората, укажувајќи дека благодарејќи на мобилизацијата бил прифатен апелот на влијателните Албанци и само во изминатиот ден биле регистрирани 23 илјади државјани на Македонија што живеат во странство.