Министерството за здравство соопшти дека со Фондот за здравствено осигурување и сите засегнати институции се на располагање и дека во моментов се подготвува медицинска документација и се организира превоз за момчето кое вчера во близина на железничката станица Трубарево се здоби со изгореници од струен удар, во најбрзо време да биде пренесено на лекување во странство.

Оваа реакција доаѓа по објавувањето на апелот што го пренесе Денешен, а потоа и други медиуми.

– Нашите лекари максимално се грижат за момчето да ја добие неопходната здравствена заштита. Со дополнителни информации ќе излеземе за краток временски период. Замолуваме да не се шират дезинформации, посочуваат од Министерството.

Повреденото лице движејќи се по пруга се качило на шинско возило за одржување на контактната мрежа (дрезина) која била оставена на електрифициран колосек и по доближувањето во опасна зона на контактнта мрежа се здобило со изгореници од струен удар.