Грција останува посветена на Договорот од Преспа, објави синоќа грчкото МНР, веднаш по завршувањето на гласањето на референдумот во Македонија за договорот, кој доживеа тотален дебакл, бидејќи две третини од македонскиот народ ја бојкотираа смената на државното име во Република Северна Македонија.

Според нивната оценка, резултатите од референдумот се контрадикторни, бидејќи голем дел од општеството го поддржа договорот, а друг дел го гледа со скептицизам. Грција, како што се посочува, го почитува изборот на граѓаните од соседната земја.

Додаваат дека според нив, климата на национализам и сомнеж, секојдневните лажни вести и фанатизмот, не дозволувале да се направи трезвена проценка на големите придобивки од договорот и го спречуваат заемното разбирање меѓу народите.

– Следните чекори потребна е трезвеност од сите страни, независно, за да се обезбеди позитивна динамика на Договорот од Преспа, додаваат од Министерството за надворешни работи на Грција, во соопштението за резултатите од референдумот.

Премиерите на Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас синоќа по завршувањето на гласањето, имале телефонски разговор. Како што пренесе грчката новинска агенција АНА-МПА, Ципрас го поддржал Заев за „одлучноста и храброста да продолжи со спроведувањето на договорот“.

За исходот од референдумот прв од Брисел вчера се огласи еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, а по него и првиот човек на НАТО, генералниот секретар Јенс Столтенберг.

Хан оцени дека гласовите „за“ на референдумот се значајни и со тоа се дава поддршка на Договорот од Преспа.

– Им честитам на оние кои гласаа денеска на консултативниот референдум и ги искористија своите демократски слободи. Со значајното „да“ има широка поддршка за Преспанскиот Договор и евроатлантската иднина на земјата, напиша Хан на Твитер и изрази очекување сите политички лидери да ја почитуваат оваа одлука и да ја спроведат со голема одговорност во интерес на земјата.

Столтенберг, пак, повтори дека вратите на Алијансата остануваат отворени за Македонија, но дека сите национални процедури мораат претходно да се завршат.

– Го поздравувам гласот „за“ на референдумот во Македонија, итно ги повикувам сите лидери и партии да се ангажираат конструктивно и одговорно за да ја зграпчат оваа историска прилика, напиша Столтенберг на Твитер.