Германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас денеска повика на создавање на европски платен систем независен од САД, со цел да може да продолжи трговијата со Иран наспроти американските санкции.
САД се откажаа од нуклеарниот договор со Иран, кој беше потпишан од Русија, Кина, Британија, Франција и Германија, и повторно воведоа санкции врз Исламската Република и сите компании кои тргуваат со ирански компании. Но, европските држави не сакаат одново да воведат санкции врз Иран и се обидуваат да го спасат договорот, како и да ги задржат трговските зделки што европски компании ги потпишале со Иран.
– Затоа е неопходно да ја засилиме европската автономија и да создадеме канали за плаќање кои се независни од САД, преку Европски монетарен фонд и независен СВИФТ систем. Секој ден што овој договор останува во живот е подобар од експлозивната криза што би се случила на Блискиот Исток без договорот, вели Маас во извадок од текст што утре треба да го објави весникот „Ханделсблат“.